Над 50 илјади евра досега биле потрошени за истрагата поврзана со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, информираше обвинителката Катерина Коларевиќ, откако Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе одлука да ја запре истражната постапка.
Од Обвинителството соопштија дека по едногодишна истрага не биле потврдени наводите од кривичната пријава, ниту било утврдено постоење на кривично дело што се гони по службена должност.
Предмет на истрагата биле сомнежи за злоупотреби при јавни повици, незаконско склучување договори и анекси, како и перење пари во периодот на енергетската криза.
Во текот на постапката биле анализирани обемна документација, финансиски и договорни документи, вештачења и сведочења од претставници на АД ЕСМ, ТЕЦ Неготино и компании со лиценца за трговија со мазут.
Според ОЈО ГОКК, постапките биле спроведени согласно законските исклучоци и транспарентно, а сите економски оператори со лиценца биле контактирани или повикани да учествуваат на јавните повици.
– Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале поради деловни и економски проценки, високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците на тогашниот енергетски пазар – наведуваат од обвинителството.
Оттаму посочуваат дека мазутот бил навремено и континуирано испорачуван, без да биде загрозено производството на електрична енергија, како и дека во критичниот период немало рестрикции.
Обвинителството заклучило и дека не е утврдена штета врз АД ЕСМ или државниот буџет, а измените на годишниот план за јавни набавки и анексите биле донесени со одлуки на надлежните органи на компанијата.
Во делот на сомнежите за перење пари, ОЈО ГОКК наведува дека исплатените средства не претставуваат противправно стекната имотна корист и дека трансакциите не можат да се третираат како перење пари.
Со запирањето на истрагата, без обвинение останаа бизнисмените Асмир Јахоски , сопственик на „Пуцко Петрол“, и Ратко Капушевски, сопственик на „РКМ“, кои беа меѓу главните осомничени во предметот вреден 167 милиони евра.
Истрагата опфатила вкупно 13 лица, меѓу кои и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство, како и повеќе поранешни функционери и службени лица од енергетскиот сектор.
По одлуката за запирање на постапката, сите осомничени остануваат на слобода, а оштетеното правно лице има право на приговор до Вишото јавно обвинителство Скопје во рок од осум дена.

































