Претседателот на Владимир Путин им се обрати на граѓаните на Русија и присутните на свеченоста на Црвениот плоштад по повод Денот на победата, нарекувајќи го празникот „најсвет и најважен“.
Путин истакна дека Советскиот Сојуз имал клучна улога во поразот на нацизмот во Втората светска војна, нагласувајќи дека „советскиот народ ја спаси својата земја и светот“.
Тој потсети на страдањата и жртвите за време на војната, наведувајќи дека целта на нацистичка Германија била уништување и поробување на советските народи, но дека „рускиот карактер и силата на духот“ ја спречиле таа намера.
– Го одбележуваме овој датум со искрена благодарност до првата генерација победници. Ова е зачувување на сеќавањето на достигнувањата од Големата патриотска војна. Ќе го паметиме подвигот на советскиот народ, бидејќи токму тие дадоа одлучувачки придонес во уништувањето на нацизмот, ја спасија својата земја и го спасија светот. Тие ставија крај на фаталниот безмилосен конфликт, го вратија суверенитетот на оние држави кои капитулираа пред Хитлерова Германија и се претворија во послушни соучесници во нејзините злосторства. Нашиот војник претрпе колосални загуби и направи колосални жртви во името на слободата и достоинството на народите на Европа. Тој стана олицетворение на хероизмот и благородништвото, цврстината и човечноста и се круниса со големата слава на грандиозната победа – рече Путин.
Тој истакна дека на 22 јуни ќе се одбележи 85-годишнината од Големата патриотска војна, кога нацистите го нападнаа Советскиот Сојуз и планираа, како што рече, целосно уништување на руската култура и историско наследство.
– Тие планираа истребување, поробување и геноцид на целиот мултинационален советски народ, односно на сите народи, нации и етнички групи во Советскиот Сојуз. Се чинеше дека нацистичките стратези педантно зедоа предвид сè, освен еден факт, она што се нарекува руски карактер и силата на духот на советскиот народ. Овие квалитети беа особено силно манифестирани во најтешките моменти за Татковината – истакна Путин.
Тој посочи на храброста на војниците, морнарите и офицерите, решителноста на волонтерите, партизаните и другите учесници во одбраната на земјата.
– Победата е извојувана и живее во историјата и во нашите срца. Да се поклониме пред сите оние кои ги дадоа своите животи за Татковината и Русија – нагласи Путин.
Тој тврди дека „големиот подвиг на една генерација ги инспирира и војниците кои денес ги извршуваат задачите на специјална воена операција“, алудирајќи на војната во Украина.
– Тие се спротивставуваат на агресивна сила вооружена и поддржана од целиот блок на НАТО. Без оглед на тоа, нашите херои напредуваат. Рамо до рамо со руските војници се работници и инженери, научници, пронаоѓачи. Тие ја продолжуваат традицијата на своите претходници, потпирајќи се на современото воено искуство, создаваат напредно и уникатно оружје и го развиваат своето масовно производство – смета рускиот претседател.
Тој нагласи дека „клучот за успехот е моралната сила, храброста, единството и способноста да се издржи сè“.
– Цврсто сум убеден дека нашата кауза е праведна и победата секогаш ќе биде наша. Слава на победничкиот народ, ветераните и вооружените сили на Русија. Ви го честитам празникот, Денот на победата“ – заклучи Путин во своето обраќање на Црвениот плоштад.













































