ЕП ВО РЕШАВАЊЕ ШАХОВСКИ ПРОБЛЕМИ „СКОПЈЕ 2026“

  • На ЕП во неколку категории настапија 77 решавачи од 21 држава, а најуспешен Македонец е Андреј Велјаноски, кој го освои 52-то место

Рускиот велемајстор (ВМ) во проблемски шах Данила Павлов е старо-нов европски првак во решавање шаховски проблеми, на 19-то првенство по ред, кое се одржа изминатиот викенд во х. „Континентал“ во Скопје. Во конкуренција на 77 решавачи од 21 држава, Павлов, кој важеше и за прв фаворит на ова ЕП, ги реши сите зададени проблеми и освои максимални 90 поени во два натпреварувачки дена. Тема на решавање беа три двопотези (20 мин.), три трипотези (60 мин.) три студии (100 мин.), три самоматови (50 мин.), три повеќепотези (60 мин.) и три помошни матови (50 мин.), со што ја освои и паричната награда од 1.000 евра. Второто место му припадна на неговиот сонародник, ВМ Урал Хасанов, исто така со максимални 90 поени, но со повеќе (четири минути) потрошено време за размислување. Трет заврши полскиот ВМ Каспер Пјорун со 89,5 поени.
Македонија настапи со седум решавачи, а најдобар пласман оствари младиот ФМ во класичен шах, Андреј Велјаноски со 42,5 поени. Од другите, ФМ во класичен шах, Антон Златков беше 65-ти (24 поени), Мајкл Бурнс 69-ти (13), Александар Алексовски 71. (10,5), Јанчо Ѓорѓевски 72. (9), Николче Филипов 73-ти (8,5), а Елисавета Бурнс го освои 75-то место (3,5 поени).
Во женска конкуренција настапија девет натпреварувачки, а победи Русинката Екатерина Шестакова (67 поени), втора е Одри Киу од Англија (53), а трета Русинката Елисавета Ческина (50). Екипно, пак, (решаваат четворица од екипа, а се земаат трите најдобри резултати), славеше фаворитот Полска (251), пред Литванија (233,5) и Украина (215,5), додека Македонија беше 14-та (83).

Наградниот паричен фонд на ЕП изнесуваше вкупно 10.000 евра, поделен на 27 парични награди, од кои пет главни, а другите беа специјални по категории. Првите тројца македонските решавачи добија по 450, 350 и 250 евра. Овие награди ги додели шеикот Мохамед бин Хамад ал Шарки, престолонаследник на Фуџаира, а беа присутни и интернационалниот судија од ОАЕ, Мухамед Гани, како и претседателот на Светската федерација за шаховска композиција, Србинот Марјан Ковачевиќ.
– ЕП мина во најдобар ред и организација на ШК Гамбит АСЕЕ со поддршка на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), а тоа не го криеја ни самите учесници и гости. Во Скопје видовме подмладување кај натпреварувачите, што само може да радува и наедно да претставува еден потстрек за во иднина, како во светот така и кај нас во Македонија, да се појават што повеќе млади шаховски проблемисти, кои, пак, со повеќе работа, ќе бидат достојни наследници на една голема и признаена генерација македонски проблемисти, која сѐ уште успешно компонира шаховски проблеми – изјави директорот на ЕП, Зоран Стојчевски. Г.И.