Поглед кон Балканот во контекст на разговорите меѓу Вашингтон и Пекинг
- Во економска смисла, Балканот би можел да почувствува и индиректни последици. Ако продолжи трговскиот судир меѓу САД и Кина, можно е ново забавување на европската економија, што автоматски ќе влијае врз извозот, инвестициите и работните места во регионот на Балканот
- Доколку Трамп по средбата со Си Џинпинг ја засили политиката на економско раздвојување од Кина, тоа би можело да создаде дополнителен притисок врз балканските влади да избираат страна, особено земјите што се членки на НАТО или кандидати за Европската Унија
Средбата меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг во Пекинг внимателно ќе се следи и на Балканот, иако регионот формално не е дел од големата американско-кинеска средба. Но токму малите и економски ранливи држави најбрзо ги чувствуваат последиците од глобалните односи меѓу суперсилите.
– За земјите од Балканот, исходот од разговорите меѓу Вашингтон и Пекинг може директно да влијае врз инвестициите, инфраструктурните проекти, енергетиката, па дури и врз политичката стабилност – велат соговорниците.
Во последната деценија, Кина на еден нов конструктивен начин го зголеми своето присуство во регионот преку иницијативата „Појас и пат“. Србија стана главен кинески партнер на Балканот, со огромни вложувања во патишта, железници, рудници и фабрики. Кинески капитал влезе и во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија и делумно во Албанија, и тоа во видливи проекти, кои имаат потенцијал динамично да се прошират. Но, за жал, Вашингтон и Брисел сè почесто гледаат на кинеското присуство како на геополитички, а не само економски проект.
Доколку Трамп по средбата со Си Џинпинг ја засили политиката на економско раздвојување од Кина, тоа би можело да создаде дополнителен притисок врз балканските влади да избираат страна, особено земјите што се членки на НАТО или кандидати за Европската Унија.
– Македонија, како членка на НАТО и држава што преговара со ЕУ, веројатно под голем притисок ќе мора уште повеќе да ја усогласува својата економска и безбедносна политика со западните партнери. Тоа може да значи поголема внимателност кон кинеските инвестиции, особено во чувствителни сектори како телекомуникациите, енергетиката (на пример за малите модуларни нуклеарни централи или за хидроцентралите на проектот „Вардарска Долина“, кои Кина како проекти веќе ги има подготвено), како и за дигиталната инфраструктура – тврдат повеќето соговорници, универзитетски професори, енергетичари и аналитичари.
Србија исто така се најде во комплицирана позиција. Белград веќе со години балансира меѓу Западот, Русија и Кина, а евентуално заострување на американско-кинеските односи дополнително ќе го отежне тој маневарски простор.
Во економска смисла, Балканот би можел да почувствува и индиректни последици. Ако продолжи трговскиот судир меѓу САД и Кина, можно е ново забавување на европската економија, што автоматски ќе влијае врз извозот, инвестициите и работните места во регионот на Балканот.
Особено ранливи би биле државите што зависат од европските пазари и странски инвестиции, а токму такви се речиси сите балкански економии. Секое ново геополитичко заострување носи раст на цените на енергентите, инфлација и економски притисок, нешто што Балканот веќе го почувствува по војната во Украина.
– Но кризите секогаш отвораат и нови можности. Балканот би можел да стане атрактивна дестинација за нови фабрики, логистички центри и технолошки инвестиции. Токму затоа средбата Трамп–Си не е далечен дипломатски настан што не го засега регионот. Напротив, го засега Балканот. Средбата е дел од глобалното преструктурирање на економијата и безбедноста, а Балканот, како и многупати во историјата, повторно НЕ треба да ризикува да стане простор каде што ќе се прекршуваат интересите на големите сили, туку да ја искористи можноста што веќе се пружа. Во свет што повторно се дели на блокови, малите држави најтешко ја одржуваат рамнотежата. А токму тоа ќе биде најголемиот предизвик за Балканот во годините што доаѓаат, но на тоа треба да се гледа мудро и со антиципација со „чаша дополу полна, а не дополу испразнета“ – поентираат нашите соговорници. П.Р.
Едновремени разговори за надминување на трговските спорови
на Пекинг и Вашингтон ќе има во Јужна Кореја
Во Сеул, загревање за дијалогот меѓу Доналд Трамп и Си Џинпинг
Паралелно со средбата на највисоките државни претставници на САД и Кина, Доналд Трамп и Си Џинпинг, претставници на Кина и САД оваа недела ќе одржат нова рунда трговски преговори во Сеул, Јужна Кореја. Ова вчера го соопшти кинеското Министерство за трговија. Имено, од денес кинескиот вицепремиер Хе Лифенг ќе престојува во Јужна Кореја каде што дводневно ќе разговара со американскиот министер за финансии Скот Бесент за економски и трговски прашања.
Токму Бесент најави дека по средбите во Јапонија и Јужна Кореја ќе му се придружи на американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг.
Трговскиот спор меѓу двете најголеми светски економии минатата година доведе до воведување царини и ограничувања за извозот на клучни суровини, а дел од мерките, вклучително и ограничувањата за ретките метали, сè уште се во сила. П.Р.
































