Илустрација / Фото: Пекселс

Најмалку пет лица загинаа, а две се здобија со тешки повреди во експлозија што утрово се случила во воен производствен погон во јужнокорејскиот град Деџеон, јавуваат локалните медиуми.

Несреќата се случила во фабрика на компанијата „Hanwha Aerospace“, лоцирана на околу 150 километри јужно од Сеул. Според снимките објавени од медиумите, по експлозијата над објектот се издигнал густ црн чад.

Јужнокорејскиот премиер Ким Мин-сок наредил итна мобилизација на сите расположливи служби и ресурси за справување со последиците од инцидентот. Властите предупредуваат дека бројот на жртви може да се зголеми.

Фабриката важи за еден од клучните капацитети на јужнокорејската одбранбена индустрија, каде се произведуваат компоненти за ракетни мотори и ракетно гориво.

Причините за експлозијата засега не се познати, а надлежните органи започнаа истрага. Според локалните медиуми, ова е трет сериозен инцидент во истиот погон во последните години, по експлозиите во 2018 и 2019 година, во кои исто така имаше жртви.