Општина Дојран ги објави резултатите од најновите анализи на површинската вода од Дојранското Езеро, извршени во пресрет на летната туристичка сезона. Примероците се земени од три мерни локации – „Градска плажа“, „Плажа Гранико“ и „Плажа Полин“ – во средината на минатиот месец, а анализите ги спроведе ЈЗУ „Центар за јавно здравје“ од Велес, согласно Националната програма за јавно здравје за 2026 година, пренесе МИА.
Според извештајот за мерното место „Градска плажа“, водата е оценета како добра во однос на микробиолошките индикатори. Физичко-хемиските анализи покажуваат отстапувања кај некои параметри, меѓу кои матност во 5-та класа и присуство на амонијак во 3-та класа, додека останатите параметри се во прва и втора класа.
И покрај тоа, во извештајот се наведува дека водата може да се користи за капење и рекреација, бидејќи отстапувањата не се сметаат за штетни по здравјето на луѓето. Сепак, поради забележана појава на алги, пена на брегот и зголемена биомаса со зеленкаста боја, препорачано е дополнително испитување на фито и зоопланктон од страна на ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид, за целосна проценка на еколошката состојба и безбедноста на водата.
За мерните места кај угостителскиот објект „Гранико“ и хотелот „Полин“, резултатите покажуваат одлична микробиолошка состојба на водата. И за овие локации важи препораката за дополнителни анализи од „Хидробиолошкиот завод“ од Охрид, со цел комплетна еколошка проценка.




































