Автор: Д-р Дорис Шејдоска, дерматовенеролог
Атопискиот дерматит е хронична рецидивирачка кожна болест која најчесто започнува во доенечкиот период или рано детство. Често е асоцирана со нарушена функција на кожната бариера и алерген сензитивност (IgE – реактивност).
Главно се карактеризира со сува кожа и пруритус. Последователното триење/чешање води кон магичниот циклус на јадеж – гребење – исип – јадеж – гребење.
Доенечкиот атописки дерматит се јавува по 3. месец од раѓање. Иницијално може да се манифестира како себороичен дерматит кој го зафаќа скалпот и местата на прегиби (препони и антекубитално). Кожата е сува и рапава на допир. Со време лицето, особено образите и флексорните површини на ложата се со промени. Пеленската регија е типично поштедена, иако иритантен контакт дерматитис може да се јави. Како што децата растат и се развиваат дистрибуцијата на промените се менува. Со лазењето екстензорните површини на лакти, рачни зглобови, колена и глуждови се зафатени. Промените се јавуваат на флексорните регии при проодување, посебно зафаќајќи ги антекубиталната и поплителната фоса (прегибите зад колена и пред лактите). Лигавењето и одредени типови на храна може да доведат до дерматит околу устата и на брадата. Чешањето и констатнтното триење доведуваат до лихенификација на кожата. За време на школските години атопискиот дерматит вообичаено се подобрува, иако бариерната функција на кожата не е комплетна.
Во терапијата најважна е едукацијата на пациентот. Да се избегнува триење и гребење на кожата како директно изложување на хемиски иританси, синтетички и волнени материјали и прекумерно сушење.
Во акутната фаза се препорачуваат локални кортикостероиди и перорални антихистаминици. Во хриничната и субакутната фаза најважна е хидратацијата на кожата со бањи со масла или со овесни каши во прав, по кои се нанесуваат неароматични емолиенти. Емолиентите со термална вода, шеа путер, cerasterol-2f, TLR2-regul ја смируваат, хидрираат и зајакнуваат природната и оштетена кожна бариера.
Дополнително ги надоместуваат липидите и го отстрануваат чувството на чешање. Инхибиторите на калцинеурин, такролимус и пимекролимус кај повеќето пациенти полека ги заменуваат локалните кортикостероиди. Оралните H1 антихистаминици се корисни во намалување на јадежот. Орални и локални антибиотици за да се елиминира S. aureus.
Мета-анализите покажуваат ефикасност во суплементацијата на пробиотици во превенција на атописките болести, како атопискиот дерматит.





































