Фото: Министерство за дигитална трансформација

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски по вторпат учествува на престижниот самит „Импакт“ во Букурешт, каде што заедно со министри од Романија и Полска, пратеници во Европскиот парламент и претставници на водечки меѓународни компании од телекомуникацискиот и банкарскиот сектор дискутира за иднината на вештачката интелигенција и европската конкурентност.

На панелот „Европската сувереност во вештачката интелигенција: може ли ЕУ да биде конкурентна и да предводи?“, Андоновски оцени дека идната конкурентност на Европа ќе зависи од способноста вештачката интелигенција побрзо да се примени во економијата и јавниот сектор, паралелно со вложувања во дигиталната инфраструктура и развојот на вештините на граѓаните.

 – За Југоисточна Европа, трката во областа на вештачката интелигенција не се сведува на тоа кој ќе го изгради најголемиот модел. Станува збор за тоа кој најбргу ќе ја усвои вештачката интелигенција, ќе ја поврзе со реални проблеми во економијата и јавниот сектор и ќе им обезбеди на луѓето инфраструктура и вештини за натамошна надградба врз таа основа – истакна Андоновски.

Според него, Европа има можност да биде лидер во оваа област, но за тоа е потребен исчекор од воспоставувањето регулаторна рамка кон забрзана примена и развој на технологијата.

Министерот оцени дека пошироката употреба на вештачката интелигенција е истовремено предизвик и можност за земјите од Југоисточна Европа. Како особено значајна ја посочи регионалната соработка, која може да ги надмине ограничувањата на малите пазари и да создаде подобри услови за инвестиции и технолошки развој.

 – Поединечно, нашите пазари се релативно мали. Заедно можеме да им понудиме на инвеститорите регионален пазар, силен инженерски кадар, конкурентни трошоци и сè пософистицирана дигитална инфраструктура – порача Андоновски.

Тој како приоритетни области за соработка ги издвојува заедничката инфраструктура, развојот на заеднички примери за примена на вештачката интелигенција, како и олеснувањето на движењето на талентите и компаниите во регионот.

Говорејќи за европскиот пристап кон вештачката интелигенција, Андоновски нагласи дека регулативата е важна за воспоставување доверба и јасни правила, но дека следниот чекор треба да биде забрзана имплементација и посилна поддршка за иновациите.

 – Европа веќе е лидер во областа на регулативата. Вистинското прашање е дали сега можеме да станеме и лидери во имплементацијата и иновациите. Регулативата беше неопходна за воспоставување доверба и правила на игра. Но сама по себе регулативата не создава компании, модели, ниту продуктивност – истакна министерот.

Андоновски посочи дека во следните пет години фокусот треба да биде ставен на инвестиции во компјутерски капацитети, енергија, капитал и човечки талент, но и на масовно усвојување на технологијата.

Според него, Европа има потенцијал да изгради сопствен, отворен, конкурентен и доверлив модел на вештачка интелигенција, преку побрзо претворање на истражувањата во производи и компании и создавање услови регулаторната рамка да го поддржи нивниот развој.

Во рамките на самитот, министерот Андоновски оствари и средба со претставници на регионалното раководство на „Мастеркард“ за Југоисточна Европа, со кои разговараше за можностите за соработка во областа на дигитализацијата и новите технологии.