Фото: Министерство за спорт

ПО ОСВОЕНАТА БРОНЗА НА ЕП 2026 ВО БОКС

  • Овој медал е резултат на огромна работа, дисциплина и карактер и претставува потврда дека младите македонски спортисти имаат квалитет за најголеми натпреварувања, изјави министерот за спорт Ристовски при средбата со Рустемовски

Министерот за спорт Борко Ристовски оствари средба со македонскиот боксер Ален Рустемовски и му честита за историскиот успех и освоениот бронзен медал (категорија до 60 кг) на Европското првенство (ЕП) во Софија, кој е втор за 30 дена, по бронзата на Медитеранските игри (МИ) во Таранто. Со овој резултат Македонија повторно има европски медал во сениорски бокс, првпат по 2008 година, кога Вели Мумин освои бронза на ЕП во Ливерпул.
Во согласност со Правилникот за категоризација на спортистите од Македонија, со освоениот бронзен медал на ЕП, Рустемовски влегува во категоријата Спортист од светска категорија, со што се стекнува со право на паричен надомест од државата во висина од две просечни плати во период од четири години, пишува Министерството за спорт. Со овој успех на Европското првенство, Рустемовски се стекнува и со право на највисокото Национално спортско признание што им се доделува на македонските спортисти за врвни спортски остварувања по навршување на 40-годишна возраст.

– Ален покажа дека Македонија има боксер за големата европска и светска сцена. Овој медал е резултат на огромна работа, дисциплина и карактер и претставува потврда дека младите македонски спортисти имаат квалитет за најголеми натпреварувања. Како Министерство за спорт, наша обврска е да стоиме зад нив, да ги препознаеме нивните резултати и да создадеме услови тие да продолжат да напредуваат. Ален заслужено добива нов статус како спортист од светска категорија, а со него и конкретна државна поддршка. Му честитам за историскиот резултат и му посакувам уште поголеми успеси – изјави министерот Ристовски.
Во минатата година Министерството за спорт го прогласи Ален Рустемовски за најдобар млад спортист, признание што тој го оправда со новиот голем успех на европската сцена. Ова е историски успех за македонскиот бокс, бидејќи Светскиот бокс е организација преку која се обезбедува учество на летни олимписки игри (ЛОИ). Со овој резултат, кој му носи 300 рејтинг-поени, Рустемовски се наметнува и како кандидат за учество на Летните олимписки игри во 2028 година во Лос Анџелес, пишува во соопштението на Министерството за спорт. Г.И.