Економската соработка, регионалниот развој и европската интеграција на Македонија биле во фокусот на денешната средба на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски со амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ.
Како што соопшти Министерството за транспорт, на средбата биле разгледани можностите за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји, како и за воспоставување дополнителни врски меѓу македонските и хрватските компании.
Во делот на инфраструктурниот развој, Николоски ја потврдил определбата на Владата за реализација на инфраструктурните проекти, со посебен акцент на капиталните инвестиции и нивното значење за регионалниот развој, подобрувањето на поврзаноста и создавањето услови за економски раст.
На средбата било истакнато дека Хрватска останува партнер и поддржувач на европскиот пат на Македонија, како и на реформските процеси во земјата.
Двете страни изразиле подготвеност за натамошно унапредување на соработката во областите од заеднички интерес, во духот на традиционалното пријателство и партнерство меѓу Македонија и Хрватска.
































