Припадници на извидувачкиот вод од Вториот пешадиски баталјон на Првата пешадиска бригада учествуваа на меѓународниот воен натпревар „12 Best Squad Competition“, кој од 7 до 11 септември се одржа во Словенија.
На натпреварот учествуваа 17 екипи од армии на земји членки на НАТО и партнерски армии, а учесниците ги одмеруваа своите индивидуални и колективни способности, со посебен акцент на тимската работа и координацијата.
Македонскиот тим, според информациите од Армијата, покажа професионалност, подготвеност и посветеност во низа дисциплини и сценарија кои опфаќаа физички, тактички и лидерски задачи, во согласност со современите воени стандарди.
Натпреварувачите беа ставени пред комплексни предизвици кои бараа физичка и ментална издржливост, знаење, прецизност, одлучност и тимска координација.
Меѓу задачите беа стрелачки вештини, ориентација и движење на терен, згрижување на ранет соборец, борбена физичка обука, извршување операции под физички напор, уништување бункер, како и сценарија поврзани со заштита од атомско-биолошко-хемиски опасности (АБХО).
Учеството на натпреварот претставува можност за припадниците на Армијата за проверка на нивната подготвеност во услови на реалистични и комплексни воени сценарија, како и за размена на искуства со припадници на сојузнички и партнерски армии.






































