Министерството за култура денеска ги објави годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2027 година.
Пријавувањето за сите области ќе се врши исклучиво електронски преку Националниот портал за е-услуги (uslugi.gov.mk), а пријавите во печатена форма или по пошта нема да се разгледуваат.
Рокот за аплицирање е денеска од 12 часот до 31 октомври до 15:30 часот.
Се задржува минималниот праг од 40 бода (од вкупно 100) за финансиска поддршка, како и ограничувањата до четири проекти за правни лица и до две за физички лица со цел да се поттикне квалитет, а не квантитет.
Системот за бодување е унифициран – до 70 бода за квалитет на содржината, до 15 бода за човечки ресурси и до 15 бода за финансиска оправданост.
– Овие конкурси ќе ги поддржат проектите што ја збогатуваат културната понуда, создаваат простор за нови креативни изрази и придонесуваат за меѓународната видливост на македонската култура. Изразуваме искрено очекување дека и оваа година уметниците, здруженијата и културните организации ќе покажат висок интерес и професионална подготвеност, потврдувајќи ја динамичноста и зрелоста на нашата културна сцена – порача министерот за култура Седат Сулејмани на денешната прес-конференција во Владата.
Сулејмани најави дека предност ќе се даде на сериозни, добро осмислени и одржливи проекти што имаат капацитет да остават траен белег, било преку институционална соработка, регионален досег, меѓународна афирмација или развој на нови публики.
– Дополнително со посебен интерес очекуваме проекти кои ќе се реализираат во пограничните зони. Истовремено, свесни сме за важноста на помалите иницијативи. Тие ќе продолжат да имаат свое место, особено кога покажуваат висок уметнички квалитет, иновативност и јасна поврзаност со локалните заедници – рече Сулејмани.
Порача дека политиката на Министерството е инклузивна, но и одговорна и се поддржуваат сите што создаваат вредност, истовремено инсистирајќи на професионалност, одговорност и мерлив придонес.
– Државата стои цврсто зад своите уметници, институции и културни работници. Со овие конкурси и со капиталните инвестиции што ги реализираме паралелно, создаваме услови за стабилна, видлива и самоуверена култура – истакна министерот за култура на прес-конференцијата.
Од 12 часот повикот ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството, пренесува МИА.



































