Илина Арсова, сликарка

  • Колку повеќе патувам, истражувам и создавам, толку повеќе сфаќам колку е сложен односот меѓу човекот, природата, идентитетот и културата. Уметноста за мене не е простор на сигурни заклучоци, туку простор на постојано преиспитување, слушање и отворање нови перспективи

Во Културно-информативниот центар во Скопје, до 1 јуни ќе биде поставена изложбата „Патување низ хармонија и надеж“ на уметницата Илина Арсова. Во изминатите пет години, таа ја истражува уметноста не само како алатка за изразување или документирање туку и како истражувачки метод. Потпирајќи се на своето етнографско истражување на боливиските Анди, таа ги бележи емоциите, доживувањата и искуствата, користејќи ја уметноста како начин на размислување и спознавање. Ликовниот израз служи и како визуелен дневник, интерпретирајќи приказни од локални заедници, нагласувајќи древни филозофии што ја величаат поврзаноста меѓу човекот и природата. Централно место во оваа поставка има поимот хармонија.

Во Вашиот проект уметноста не е само краен производ туку и метод на истражување. Како изгледа моментот кога едно лично искуство или теренска белешка од Андите се претвора во ликовно дело?
Токму така. Како што своевремено рекол и самиот Пикасо: „Никогаш не сум направил уметничко дело; сè е истражување“, така и уметноста може да функционира како истражувачки метод. Во моето истражување, теренските белешки често ги забележувам преку скици, цртежи и акварели.
На пример, овој акварел сведочи за цела плејада искуства и претставува документ што носи многу информации. За мене, тој не прикажува само една автохтона жена што се движи низ планина, туку зборува и за временските услови, за луѓето што се дел од групата, за нејзиниот идентитет, за просторот низ кој се движиме, како и за атмосферата и емоцијата на тој момент.
Во таа смисла, ликовното дело не е само визуелна репрезентација туку и сведоштво за едно искуство или впечаток. Така, уметноста станува документ за одреден социјален или природен феномен во еден неповторлив миг.

Во Вашите дела се чувствува дијалогот меѓу човекот и природата. Што научивте од локалните заедници во боливиските Анди што можеби современиот човек денес го има заборавено?
Во јужноамериканските Анди луѓето сè уште живеат во длабок соживот со природата. За многу од локалните заедници природата не е ресурс што треба да се освои или искористи. Напротив, мајката земја или Пачамама е нивно најпочитувано божество. Почвата и планините имаат духовно значење и се дел од секојдневниот живот, ритуалите и од колективната меморија. За некои популации, планините се свет дом каде што почива духот на нивните предци.
За жал, ниту овие заедници не се целосно отпорни на експлоатацијата и промените што ги носат капитализмот и современиот начин на живот. Но она што особено ме допре е нивната свесност за живототворната улога на природата и за меѓузависноста меѓу човекот и околината. Таму природата не се доживува како нешто одвоено од човекот, туку како предуслов за живот, рамнотежа и за опстанок.
Мислам дека современиот човек често ги заборава токму таа понизност и чувство на припадност кон природата. Од Андите, како и од Хималаите постојано учам дека планината не е цел за освојување, туку и простор за почивка, набљудување, почит и коегзистенција.

Насловот на изложбата „Патување низ хармонија и надеж“ звучи интимно. Дали оваа изложба е повеќе мапа на Вашите лични внатрешни истражувања или, можеби, обид преку уметноста да се отвори поширок разговор за светот во кој живееме?
Планините, кои се доста застапени и на оваа поставка, се длабок дел од мојот идентитет, а уметноста е начин на доживување на светот. Затоа мислам дека изложбата е и двете: мапа или ликовни патописи од лични искуства, патувања и внатрешни преиспитувања, но и обид преку уметноста да се отвори поширок разговор за светот во кој живееме, за односот кон природата, кон другите и кон самите себе.

Во поставката хармонијата не се претставува како совршенство, туку како прифаќање на спротивностите. Колку денешното општество е подготвено за вакво разбирање на хармонијата?
Во време на неизвесност, поделби и секојдневен притисок, на град како Скопје му е потребна нова енергија на поврзаност и надеж. „Патување низ хармонија и надеж“ е повик да се потсетиме на човечноста, заедништвото и уметноста како простор каде што надежта повторно оживува.
Концептот тргнува од идејата за хармонија како симбол на единство, емпатија, солидарност и рамнотежа. Како што пишува Петар Хр. Илиевски во студијата „Потеклото и семантичкиот развој на терминот хармонија“ (1993), поимот хармонија низ историјата се развива од „спојување делови“ кон идеја за усогласување на спротивностите и создавање рамнотежа. Според Платон и Хераклит, хармонијата е внатрешна космичка сила што ги обединува спротивностите и создава рамнотежа во светот. Таа е принципот што од хаос создава ред, истовремено присутен и во душата на светот и во човекот како негово мало огледало.

Изложбата ја поканува публиката не само да гледа туку и активно да учествува. Каква интеракција би сакале да воспоставите со публиката?
Би сакала публиката не само да ги гледа делата туку и да влезе во личен дијалог со нив. На пример, некој можеби ќе се запраша: „Каде е овој пејзаж, би сакал/а еден ден да го посетам“. Исто така би сакала да знам кои емоции ги евоцираат сликите кај гледачите: мир, носталгија, слобода или копнеж. Би било интересно и самите посетители да се запрашаат дали директниот контакт со природата би ја разбудил истата или слична емоција. За мене, највредната интеракција е кога уметноста ќе поттикне лична рефлексија, ново прашање или желба за поврзување со природата и со себе.

По сите овие години патувања, етнографско истражување и создавање, дали чувствувате дека уметноста Ви иницирала повеќе прашања отколку одговори?
Апсолутно. Мислам дека токму во тоа е и убавината на уметноста и истражувањето, кои ретко нудат конечни одговори. Колку повеќе патувам, истражувам и создавам, толку повеќе сфаќам колку е сложен односот меѓу човекот, природата, идентитетот и културата. Уметноста за мене не е простор на сигурни заклучоци, туку простор на постојано преиспитување, слушање и отворање нови перспективи.