Од ракометното минато (24)
- На изненадување на пошироката ракометна јавност, првиот прволигашки дуел меѓу градските ривали му припадна на Графичар. Куриозитет на дербито беше што Работнички постигна само еден гол во целото второ полувреме
Сезоната 1959/60 беше особено интересна за љубителите на ракометот во Скопје, зашто на дело требаше да се види кој е кој во скопскиот ракомет, Работнички, кој имаше подолга традиција или, пак, новопечениот прволигаш Графичар, кој беше составен од играчи по фузијата на Партизан 8 и Борац. Веќе пишував за непријатностите што го доживеаја „графичарите“ пред почетокот во Првата сојузна лига, кога беа казнети со три натпревари неиграње поради неправилна регистрација на играчот Шахов на квалификацискиот турнир во Нови Сад. Според тоа, може да се каже оти поискусниот Работнички беше во поповолна стартна позиција од својот градски ривал, кој уште во почетокот беше хендикепиран, па поради казната мораше да ги почне натпреварите дури од 4. коло. Но она што беше најинтересно во почетокот на оваа натпреварувачка сезона беше фактот што Работнички, иако ги одигра првите три кола, немаше ниту една победа, па така, во 4. коло двата тима почнаа од нула. Ова ја правеше ракометната есен уште повозбудлива, зашто се чекаше да се види кој ќе ги прокнижи првите бодови.
Работнички до два, Графичар до еден бод
Во таа трка за први бодови, сепак, Работнички беше поуспешен, бидејќи во 4. коло оствари победа на дуелот со Млада Босна. За Графичар, пак, ремито пред своите гледачи со фаворизираната Црвена звезда, со оглед на силата и на искуството на противникот, беше рамно на победа. Но ова беше само почеток на шампионатот и допрва требаше да се види кој во какво светло ќе се прикаже во натамошните мечеви. Интересно е да се потенцира дека во Скопје уште во овие моменти се подгреваше атмосферата за првата прволигашка пресметка помеѓу Работнички и Графичар. Иако до неа требаше да се одиграат уште три кола, повеќе се говореше за неа одошто за моментните случувања. Тоа беше и нормално, зашто во прашање беше домашниот престиж. Но до овој судир двата тима требаше да се концентрираат кон следните противници и да ја користат секоја шанса за освојување што повеќе бодови.
„Железничарите“ по победата на мечот со Млада Босна во Скопје претрпеа вистински бродолом на гостувањето во Загреб, каде што беа поразени од истоимениот тим со 19-8. Резултатот и високата победа на загрепчаните не го загрижуваше толку тренерот Славко Матовски, за него позагрижувачка беше индолентната и неборбена игра на неговите ракометари. Тој беше свесен оти ќе мора да поработи на психолошки план со играчите и да им укаже дека со ваква игра ќе им виси опстанокот во елитното друштво. Лекцијата што ја добија ракометарите од својот тренер веќе следната недела даде плод. Тие пред своите гледачи одиграа еден неверојатен натпревар со Младост, полн со неизвесност и драма до самиот крај. Сепак, во моментите кога се кршеше победникот Работнички потпомогнат од својот осми играч, публиката, дојде до значајна победа со 13-12. И самиот резултат најдобро зборува за тоа како изгледала завршницата од овој дуел. Победата и двата бода беа од големо значење за „железничарите“, кај кои се вратија самодовербата и, пред сѐ, борбеноста во играта.
Графичар, пак, во истото коло требаше првпат пред своите симпатизери да заигра во еден прволигашки меч, и тоа против големиот фаворит белградска Црвена звезда. Со оглед на тоа што во истото коло имаше два прволигашки дуела во Скопје завладеа вистинска ракометна треска. Навивачите на Работнички очекуваа победа на својот тим, а „графичарите“ требаше да се соочат со екипа што имаше многу значајна улога на југословенската ракометна сцена. Но и покрај улогата на голем фаворит, на теренот не изгледаше така. Графичар им парираше на гостите, на моменти беше и подобар, што предизвика задоволство и уште поголем излив на навивачки страсти кај публиката. За завршницата да биде драматична се погрижија двата тима, но ниту еден не дојде до победа. Мечот заврши со резултат 12-12, од кој многу позадоволни беа домаќините, кои покажаа оти и тие имаат свои адути и не случајно се прволигаши. Куновски беше еден од најзабележителните играчи, а на голот Миодраг Мицковиќ имаше неколку успешни интервенции, кои кога ќе се анализира целиот натпревар излегува дека беа решавачки за освоениот бод.
Сите мисли насочени кон градското дерби
За да се дојде до саканата цел, двата скопски прволигаша до крајот на првата полуетапа играа воздржано и со многу тактизирање. Беше очигледно, оти и едните и другите повеќе размислуваа за нивниот меѓусебен меч, кој требаше да се одигра во претпоследното есенско коло.
– Нормално е дека и ние и Работнички влегувавме во натпреварите да избориме што подобар резултат, но очигледно беше оти и тие и ние повеќе бевме насочени кон нашата директна пресметка. Некако чувствувавме оти тој натпревар ќе даде одговор на многу прашања, од кои најбитното беше кој ќе биде ракометниот господар во Скопје. Затоа, понекогаш другите мечеви како да ни беа на втор план. Знаевме оти евентуалната победа над Работнички не само што би ни донела два бода туку таа многу би значела за атмосферата во клубот, а и за навивачите, кои сѐ повеќе ги имаше на нашите мечеви. Впрочем не треба ова многу да го опишувам, зашто добро е познато колку е значајно за нив да се совлада градскиот ривал. Таков беше случајот и во фудбалот, па и во кошарката кога играа Работнички и Вардар. Тој ривалитет се префрли и меѓу ракометните екипи на двете друштва, па еве и денес ситуацијата не е многу променета. Антагонизмот меѓу навивачите на еден и друг клуб отсекогаш постоел, зашто тука се работи за престиж на домашната сцена – вели од оваа временска дистанца Мицковиќ.
Во таква затегната атмосфера се очекувал и дуелот помеѓу ракометарите на Графичар и на Работнички.
– Со оглед на тоа што Графичар ја имаше улогата на домаќин, одлучивме арена за пресметката да биде Градскиот стадион, всушност црвеницата пред западната трибина, која беше наменета за одржување атлетски натпревари (ѓуле и скок во височина). Така, на таканареченото стоење ќе имаше можност да се соберат многу повеќе гледачи. И навистина беше така, трибината речиси се наполни, а според извештаите во „Нова Македонија“ и во белградски „Спорт“, се споменува една бројка на повеќе од 3.000 гледачи. Амбиентот беше прекрасен и многу мотивирачки за двата тима – продолжи Миодраг Мицковиќ.
Во второто полувреме примен само еден гол
Од сеќавањата на Мицковиќ, како еден од најзабележителните актери на месното дерби, покрај потенцираните интересни моменти, мислам оти имаше еден дури и неверојатен, а ќе прочитате кој беше тој.
– Работнички од почеток тргна фуриозно, како да сака да покаже дека со него нема шега и да се знае кој е поискусниот тим. Навистина имаше моменти кога малку се подуплашив, зашто многу работи зависеа од моите одбрани. Притисокот на „железничарите“ беше огромен и во една таква ситуација, кога имаше опсада на нашиот гол, во неколку наврати не успеав да ги спречам ударите и топката завршуваше во мрежата. Тогаш си помислив, како ли ќе биде натаму, ако Работнички продолжи со ваква игра. Веројатно истото ова го мислеа и моите соиграчи, кои и покрај борбената игра во недостиг од искуство од вакви мечеви, не можеа да му парираат на противникот и да воспостават рамнотежа. Како и да е, некако издржавме во тоа прво полувреме, кое му припадна противникот со 8-3. За време на одморот малку се искритикувавме меѓу себе и си рековме ајде да загриземе, уште не е ништо загубено. И замислете каков пресврт имаше во вториот дел. Повеќебројните навивачи на Работнички занемеа откако почнавме да ја анулираме разликата, а противничките ракометари како целосно да ја загубија концентрацијата и почнаа да прават грешки. Јас, пак, во тој период имав неколку атрактивни одбрани и кога сите ја гледаа топката во мрежата таа завршуваше во моите раце. Се разбранив, а да не остане само оти се фалам, ќе го кажам само овој податок, во второто полувреме примив само еден гол. Ќе помислите зарем тоа е можно, но излегува дека е можно, зашто конечниот резултат од пресметката беше 12-9 за нас. Оваа победа како да нѐ опи, не можевме и самите да поверуваме во она што се случи во второто полувреме. Се надминавме самите себеси и му покажавме на месниот ривал кој е ракометниот господар во Скопје во зимската пауза меѓу двете полуетапи – вели тој.
Инаку, на крајот од првиот дел од шампионатот Работнички беше осми со шест бода, а Графичар и Младост беа на последните две места со по пет бода. Есенски првак беше Борац од Бања Лука, кој во деветте кола имаше исто толку победи, што ја потврдуваше неговата доминација. Партизан од Бјеловар беше втор со четири бода помалку, а Загреб трет дури со осум бода зад лидерот Борац.


































