- На турнирот летово во Таранто (Италија) ќе настапат 10 репрезентации, а Македонија е во групата Б, заедно со Турција, Алжир, Грција и со Косово
По учеството во Европската лига, женската одбојкарска репрезентација на Македонија летово ќе настапи и на 20. Медитерански игри (МИ) во Таранто (Италија, од 21 август до 3 септември), каде што ќе играат 10 репрезентации, а Македонија е во групата Б, заедно со Турција, Алжир, Грција и со Косово. Во групата А ќе играат Италија, Србија, Египет, БиХ и Сирија. За женската репрезентација на Македонија тоа ќе биде втор настап по ред на Медитеранските игри, откако претходно играше на МИ 2022 во Алжир.
Македонските репрезентативки во пресрет на Европската лига одиграа два пријателски дуела со соодветната селекција на Косово и двата ги загубија со по 1-3 (во Скопје со 25-23, 24-26, 16-25, 24-26, а на гостински терен со 21-25, 25-20, 20-25, 18-25). Стручниот штаб на чело со селекторот Милош Гавриловиќ комбинираше со поставата и им даде шанса на сите репрезентативки во составот. Одбојкарите ќе го играат првиот турнир од предвидените три во Европската лига викендов, в сабота со Унгарија, а в недела со домаќинот Португалија.
Пријателски мечеви имаше и македонската машка селекција, со Црна Гора, на гости, исто така, во рамките на подготовките за Европската лига. На првиот меч беше 2-2 (15-25, 25-16, 14-25, 25-18), а на вториот Македонците загубија со 0-3 (26-28, 25-20, 31-29), во неизвесен дуел полн со пресврти. Селекторот Јошко Миленкоски им даде шанса на сите одбојкари што ги имаше на располагање. Македонија го игра првиот турнир од предвидените три во Европската лига годинава во салата „Парк“ во Струмица, в петок со Холандија, а в недела со Луксембург, информира ОФМ. Г.И.


































