Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека израелската армија добила наредба да изврши напади врз позиции на Хезболах во областа Дахија, во предградијата на либанскиот главен град Бејрут.
Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Нетанјаху наведе дека одлуката е донесена заедно со министерот за одбрана Израел Кац, како одговор на, како што посочи, повторените прекршувања на прекинот на огнот од страна на Хезболах и нападите врз израелски градови и граѓани.
-Како одговор на повторените и континуирани прекршувања на прекинот на огнот во Либан од страна на терористичката организација Хезболах и нападите врз нашите градови и граѓани, им наредивме на Израелските одбранбени сили да нападнат терористички цели во областа Дахија во Бејрут – напиша Нетанјаху.
Во меѓувреме, либанскиот претседател Џозеф Аун ги осуди израелските активности, оценувајќи дека Либан се соочува со „злобна израелска агресија достојна за осуда“. Неговата реакција доаѓа откако Израел ја интензивираше офанзивата против Хезболах, вклучително и со заземањето на средновековниот замок Бофорт, објави „Гардијан“.
Во објава на „Икс“, Аун порача дека ќе продолжи да работи на ставање крај на страдањата на либанскиот народ, особено на населението во јужниот дел на земјата.

































