Мајчиното ментално здравје мора да стане дел од јавните политики и да се обезбеди достапна психосоцијална поддршка за секоја жена. Ова беше пораката од конференцијата „Ментално здравје како приоритет: Од препознавање кон достапна поддршка за секоја мајка“, организирана од Здружението ЕСЕ и Реактор со поддршка од Француската амбасада.
Кристоф Ле Риголер, aмбасадор на Франција, нагласи дека темата е релативно нова и во Франција, но податоците се алармантни. Тој посочи дека проектот има четири цели: анализа на состојбата, пилот-проект со новопородени жени, превентивни работилници и размена на добри практики.
– Овде не сме дојдени да делиме лекции, туку да зборуваме за перинаталното ментално здравје, кое е релативно нова тема дури и во Франција, особено по објавувањето на еден извештај пред три години. Студијата покажа навистина загрижувачки податоци за постнаталното здравје кај жените, поврзано со голем број случаи на анксиозност, депресија, па дури и самоубиствени нагони – рече Ле Риголер, додавајќи дека ваквите проекти се клучни за подигнување на свеста и за охрабрување на институциите да преземат конкретни мерки.
Борјан Павловски од ЕСЕ посочи дека преку едукативни активности се опфатени над 110 жени, а кампањата на социјалните медиуми допрела до над 1.000.
– Се покажа дека жените имаат голема потреба од информации за здраво мајчинство, здрава бременост и унапредување на менталното здравје на локално ниво. За многу од нив ова беше првпат да слушнат информации поврзани со менталното здравје за време на бременоста и по породувањето. Очигледна е потребата повеќе да се зборува за оваа тема, бидејќи една од пет жени страда од постпородилна депресија. За жал, менталното здравје сè уште е табу тема, а жените често се срамат да побараат помош – изјави тој пред настанот.
Павловски додаде дека преку едукации и разговори се разбива стигмата и жените сфаќаат дека не се сами во тоа што го чувствуваат, што е првиот чекор кон барање стручна поддршка.
Ана Бојчевска Митревска од Реактор истакна дека перинаталното ментално здравје, иако постојат стратегии и акциски планови, не е препознаено како дел од целокупното здравје.
– Организирани беа и групи за мајки. Интересот беше огромен – во рок од 24 часа, 150 жени со деца до една година се пријавија. Формирани беа две групи кои одржаа 12 средби со психолози и психотерапевти, каде се работеше на значајни аспекти од психолошкото здравје во перинаталниот период – изјави Бојчевска Митревска.
Според неа, решенијата за перинаталното ментално здравје се едноставни и веќе постојат капацитети, но потребна е подобра организација на ресурсите.
– Државата и институциите имаат одговорност да обезбедат достапна и финансиски прифатлива психосоцијална поддршка за мајките – нагласи таа.


































