Фото: ЏФМ

ЏУДО – БАЛКАНСКO ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ ВО БУДВА

  • Како селектор сум горд на сите наши репрезентативци, а како тренер на Хамида и Емилија ќе кажам дека ги чека блескава иднина во џудо-спортот, вели селекторот на кадетската репрезентација на Македонија, Паскоски

Македонската џудистка, членка на ЏК Миоки и актуелна шампионка во возрасната категорија млади сениори за 2026 година, Хамида Друштинац постигна голем успех во тежинската категорија до 48 килограми, освојувајќи бронзен медал на Балканското првенство (БП) за кадети, кое викендов се одржа во Будва, Црна Гора. Успех што секако може само да радува, а е резултат на голем труд, посветеност, дисциплина, борбен дух и уште еден доказ дека македонското џудо продолжува напред кон нови победи и уште поголеми успеси. Предводени од селекторот на кадетската репрезентација, Игор Паскоски, боите на Македонија, покрај Друштинац, ги бранеа Емилија Паскоска (до 48 кг), Теодора Илиоска (до 57 кг), Тамара Илиоска (до 63 кг), Марко Димитријоски (до 50 кг), Ангел Радевски (до 55 кг), Амар Бајрамоски (до 60 кг), Петар Давчев (до 73 кг), Дин Ризвановиќ (до 90 кг) и Марко Чивлачки (над 90 кг).
Селекторот Паскоски не го криеше своето задоволство од настапот на македонските џудисти.
– Одличен настап на македонските репрезентативци на Балканското првенство за кадети во Будва. Најуспешни беа Хамида Друштинац со освоен бронзен медал и Емилија Паскоска со освоено петто место. Пофалби за добиените борби за Теодора Илиоска и Тамара Илиоска, но и за преостанатите, кои прикажаа одлични настапи. Како селектор сум горд на сите наши репрезентативци, а како тренер на Хамида и Емилија ќе кажам дека ги чека блескава иднина во џудо-спортот – изјави селекторот Паскоски.
Екипно, пак, Македонија на ова БП оствари три победи.
– На екипниот дел на Балканијадата, нашиот тим иако настапи симболично и во нецелосен состав, сепак оствари победи во три борби. Хамида Друштинац и Тамара Илиоска за водство против Турција и Емилија Паскоска за водството против Црна Гора. Пофалби за одличните борби на Петар Давчев и Амар Бајрамоски, за одличното судење на нашата национална џудо-судијка Наталија Динова, како и голема благодарност на мојот колега Хамза Јашари, кој допатува во Будва за да ги бодри македонските џудисти – задоволно додаде селекторот Паскоски. Г.И.


Тренинг- подготовки во Струга

Викендов во Струга, во организација на Џудо-федерација на Македонија (ЏФМ) и техничка поддршка на џудо-клубот Дрим, се одржаа тренинг-подготовки на селекцијата за помлади пионери, предводени од селекторот Марин Билјановски. Младите џудо-надежи вредно работеа и ја темпираат формата за претстојното Балканско првенство, кое ќе се одржи на 6 и 7 јуни во Битола, информираат од ЏФМ.