Фото: училишна архива

Одбележан патронениот празник на ООУ „Гоце Делчев“ во с. Љубанци, општина Бутел-Скопје

Едно од најстарите основни училишта во државава, „Гоце Делчев“ во с. Љубанци, во скопската општина Бутел, основано во далечната 1866 година, на 4 мај, денот на смртта на македонскиот великан, го одбележа својот патронен празник.
Во празничната програма, годинава под мотото „Слободата се гради со свест, а не со страв“, со свои точки се претставија сите училишни секции.
Особен впечаток остави една од балетските точки, која беше спој на минатото и сегашноста, односно спој на македонскиот фолклор со современиот балет. Едно од дечињата, пак, преоблечено како Гоце Делчев, им се обрати на соучениците од името на патронот, порачувајќи им дека некогаш Делчев се борел со пушки и пиштоли, а денес преку книга и образование треба да се бориме за слободата.
Особено емотивен момент беше рецитирањето на песна посветена на славниот војвода од ученик, а една од наставничките ја претстави на знаковен јазик.
– Носејќи го името на визионерот што го разбра светот како поле за културен натпревар меѓу народите, ние секојдневно го прифаќаме тој предизвик. Нашето училиште не се само ѕидовите и училниците, тоа е енергијата на секој ученик и посветеноста на секој наставник. Тука учиме дека слободата се гради со знаење, а иднината со чесност и труд – велат од училиштето.

Ф.Д.