Cruiser ship
Фото: Пиксабеј

Генералниот директор на Светска здравствена организација (СЗО), Тедрос Адхан Гебреисус, денеска на средба со шпанскиот премиер Педро Санчез разговараше за операцијата спроведена по појавата на хантавирус на крузерот „МВ Хондиус“.

Гебреисус изјави дека СЗО побарала поддршка од Шпанија откако ситуацијата ги надминала капацитетите на Капе Верде, кои биле најблиску до местото на инцидентот.

Тој нагласи дека засега нема индикации за масово ширење на вирусот, но додаде дека здравствените власти продолжуваат внимателно да ја следат состојбата поради долгиот период на инкубација.

Досега се регистрирани 11 сомнителни случаи, од кои девет се потврдени, а два се сметаат за веројатни. Сите пациенти се наоѓаат во карантин и се под медицински надзор. Од 2 мај досега не е пријавен нов смртен случај.

Санчез оцени дека операцијата била успешно реализирана, посочувајќи дека повеќе од 120 патници од различни земји биле репатрирани со 10 специјални летови.

Според шпанското Министерство за здравство, шпанскиот државјанин кој претходно бил привремено позитивен на вирусот е во стабилна состојба, со лесни симптоми и без влошување на здравствената состојба.