Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на дискусија посветена на дигиталната трансформација и поддршката на општините во процесот на европска интеграција, при што порача дека европските интеграции мора да бидат видливи и конкретно почувствувани од граѓаните преку функционални и достапни локални услуги.
Сали истакна дека приоритет на институциите е европските политики, вклучително acquis, Реформската агенда и ИПА програмите, да се преточат во практични дигитални решенија за општините. Како примери ги наведе е-дозволите, дигиталното урбанистичко планирање, локалните даночни системи и услугите од областа на животната средина.
Тој посочи дека Министерството работи на воспоставување стандардизирана дигитална архитектура која ќе овозможи интероперабилни системи, заеднички платформи и усогласеност со европските стандарди. Според него, тоа ќе придонесе за избегнување на институционална фрагментација и намалување на трошоците.
Во делот на поддршката за општините, Сали нагласи дека фокусот е ставен на конкретни механизми, меѓу кои техничка помош преку ИПА фондовите, поедноставување на процедурите и развој на советодавни и координациски платформи.
– Целта е да го надминеме јазот меѓу идеите и имплементацијата и проектите да се претворат во реални услуги за граѓаните и бизнисите – порача Сали.

































