Фото: МИА

На денешното рочиште за предметот „Онкологија 2“, адвокатите на двајцата обвинети изнесоа спротивставени ставови околу начинот на изведување на обемните материјални докази, пренесе МИА.

Бранителот на првообвинетиот Никола Васев, адвокатот Боби Спирковски, побара од судот да се читаат само клучните и спорни докази, со цел да се избегне, како што рече, неоправдано одолговлекување на постапката.

Спирковски реагираше на механичкото читање илјадници страници економско-финансиска документација, оценувајќи дека тоа го нарушува начелото на ефикасност и непотребно ја пролонгира судската постапка.

Тој предложи останатите материјални докази да се сметаат за изведени со увид, а доколку продолжи досегашниот начин на работа, најави можност одбраната да побара раздвојување на постапката.

 – Доколку продолжи практиката на очигледно одолжување преку изведување огромен број нерелевантни докази, ќе бидеме принудени да искористиме дополнителни процесни механизми, вклучително и евентуален предлог за раздвојување на постапката согласно член 29 од ЗКП – изјави Спирковски.

Спротивен став изнесе адвокатката Анита Бегова, бранителка на второобвинетиот Нехад Нухи, која нагласи дека под превезот на ефикасност не смеат да се занемарат правата на обвинетите.

Бегова истакна дека одбраната редовно присуствува на сите рочишта и не ја одолговлекува постапката, но инсистира секој доказ поединечно да биде презентиран во судницата за да може да се провери неговата веродостојност и точност.

 – Ефикасноста не значи неизведување на докази. Основно начело на кривичната постапка е никој невин да не биде осуден и секој виновен да одговара пред законот – потенцираше Бегова.

Со ставот на својата адвокатка се согласи и Нухи, кој пред судот побара секој доказ што му се става на товар да биде прочитан.

Во предметот „Онкологија 2“, Васев и Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, при што, според обвинението, државниот буџет бил оштетен за околу 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината.

Паралелно се води и предметот „Онкологија 1“, во кој Васев и уште двајца лекари се обвинети за несовесно лекување пациенти.