Фото: Македонија2025

Со силни пораки за потребата од забрзан економски раст, институционални реформи, дигитална трансформација и поголемо национално обединување околу развојните приоритети, денеска во Скопје официјално беше отворен годинешниот Самит на Македонија2025. Петнаесеттото издание на Самитот, кое се одржува под мотото „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство“, ги обедини носителите на јавните политики, бизнис-лидерите, претставниците на меѓународната заедница, академската сфера и македонската дијаспора, со цел да се поттикнат конкретни разговори и партнерства за идниот развој на Македонија и регионот.

Самитот беше отворен со обраќања на претседавачот на Одборот на директори на Македонија 2025, Виктор Мизо, ко-основачот на организацијата, Мајк Зафировски и извршната директорка, проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, како и со интервју со претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски.

Во својот настап, премиерот Мицкоски порача дека Македонија мора да го искористи актуелниот моментум за побрза економска трансформација и посилно регионално и европско поврзување. Тој нагласи дека инфраструктурното поврзување, дигитализацијата, модернизацијата на институциите и создавањето стабилна и предвидлива бизнис-клима се клучни предуслови за поголем економски раст и повисок животен стандард.
Претседателот на Владата посочи дека државата мора да продолжи со инвестиции во инфраструктурата, енергетиката и дигиталната трансформација, оценувајќи дека токму тие процеси ќе бидат основа за поголема конкурентност на македонската економија и за отворање нови можности за домашните компании и младите генерации.

Извршната директорка на Македонија2025, проф. д-р Никица Мојсоска-Блажевски, порача дека организацијата влегува во нова фаза на делување, со уште поголема одговорност и појасен фокус кон конкретни резултати и мерлив импакт.

-Ако во почетокот 2025 беше цел кон која се движевме, денес 2025 е основа од која продолжуваме понатаму. Токму затоа и темата на годинешниот Самит е „По 2025: Забрзување на растот. Поттикнување на лидерство“. Таа ја носи пораката дека нашата работа не завршува со една година, туку влегува во нова фаза на поголем фокус, раст, поголема дисциплина и поголема ориентација кон мерливи ефекти – истакна Мојсоска-Блажевски.

Таа нагласи дека новата стратегија на организацијата за периодот 2026–2030 ќе биде насочена кон три клучни столба: забрзување на растот и конкурентноста на компаниите, развој на лидерството и младите таленти, како и посилна мобилизација на дијаспората како двигател на знаење, инвестиции и глобално поврзување. Во своето обраќање, Мојсоска-Блажевски истакна и дека Македонија денес се наоѓа на важна пресвртница, при што потенцираше дека државата има капацитет и потенцијал за побрз развој, но дека се потребни поголема дисциплина, институционален континуитет, лидерство и партнерство меѓу сите чинители во општеството.

Ко-основачот на Македонија2025, Мајк Зафировски, порача дека Македонија мора да престане да биде земја која постојано се препознава само по својот потенцијал и дека е време потенцијалот да се претвори во конкретни резултати.

-Предолго Македонија беше опишувана како земја со потенцијал. Потенцијалот е важен, но не е доволен. Вистинското прашање е: како побрзо да преминеме од потенцијал кон перформанси? Како талентот да го претвориме во можности? Како добрата волја на дијаспората да ја претвориме во инвестиции, менторство и глобални мрежи? – истакна Зафировски.

Тој потсети дека организацијата уште пред две години ги дефинирала трите клучни приоритети за забрзан развој на земјата: нулта толеранција за корупција, економски раст над пет проценти годишно и изградба на ефикасна и дигитализирана држава, оценувајќи дека тие и понатаму остануваат неопходни предуслови за долгорочен развој.
Претседавачот на Одборот на директори на Македонија2025, Виктор Мизо, порача дека светот денес се менува побрзо од кога било и дека токму затоа лидерството, иновациите и способноста за брза адаптација стануваат клучни фактори за успех.

-Малите држави како нашата не можат да се натпреваруваат по големина, но можат да се натпреваруваат преку агилност, знаење, иновации и брз раст. Економскиот раст денес повеќе не зависи само од капиталот, туку од луѓето, талентот и способноста брзо да се носат одлуки и да се имплементираат – истакна Мизо.

Тој нагласи дека зелената и дигиталната трансформација повеќе не се избор, туку неопходност, а дека дијаспората претставува огромен потенцијал за Македонија преку знаење, инвестиции, менторство и отворање нови глобални можности.

Членот на Одборот на директори на Македонија2025, Кати Ицева, ја истакна потребата од системска дигитализација и подготвеност за користење на вештачката интелигенција, нагласувајќи дека без соодветна инфраструктура, податоци и дигитална зрелост не може да се создаде вистински импакт.

-Технологиите се многу битни, но тие технологии сами не можат ништо да направат. За да се дојде до вистински импакт, мора да има инфраструктура, податоци и дигитализација – истакна Ицева, осврнувајќи се и на иницијативата „Go Digital“ преку која Македонија2025 работи на поддршка на компаниите и институциите во процесот на дигитална трансформација.

Во текот на првиот ден од Самитот се одржуваат панели и разговори посветени на тоа што треба да се промени за Македонија и регионот да го забрзаат растот, дали регионот може да премине од потенцијал кон реални перформанси, зошто сега е вистинскиот момент за инвестиции, како инфраструктурата може да биде мултипликатор на растот, како иновациите се создаваат преку прекугранична соработка и што значи лидерство во глобална економија што постојано се менува. На Самитот учествуваат бројни домашни, регионални и меѓународни лидери од бизнисот, финансиите, технологијата, дипломатијата и академската заедница.