Автор: Д-р Христина Брешковска, Универзитетска клиника за дерматовенерологија
Сончевата светлина има важна улога во организмот и е неопходна за синтеза на витамин Д. Сепак, прекумерната изложеност на ултравиолетово (UV) зрачење може да предизвика сериозни оштетувања на кожата. Ултравиолетовото Б (UVB) зрачење е одговорно за појава на изгореници од сонце, воспаление, хиперпигментации и оштетување на клетките, додека ултравиолетовото А (UVA) продира подлабоко во кожата и придонесува за фотостареење, појава на брчки, губење на еластичноста и долгорочни промени поврзани со хронична изложеност на сонце. И UVA и UVB зраците се поврзуваат со оштетување на кожната бариера и зголемен ризик од појава на рак на кожа.
Фотозаштитата претставува клучен дел од секојдневната нега на кожата.Таа вклучува- избегнување на иложеност на директно сонце во периодот кога зрачењето е најсилно, носење заштитна облека, капи и очила за сонце, како и редовна употреба на производи со широк спектар на заштита. Современите формули за фотозаштита се развиени за да обезбедат висока ефикасност, добра толеранција и пријатно чувство на кожата при секојдневна употреба.
Минералните UV филтри, како цинк оксид и титаниум диоксид, обезбедуваат широк спектар на заштита од UVA и UVB зрачење. Овие филтри се фотостабилни и имаат низок потенцијал за иритација и сензибилизација, што ги прави особено погодни за чувствителна, реактивна и нетолерантна кожа. За разлика од некои органски филтри, минералните филтри остануваат на површината на кожата и создаваат заштитен слој кој помага во намалување на штетното влијание од сончевото зрачење.
Современите минерални формулации користат микронизирани честички кои овозможуваат полесно и порамномерно нанесување, без тежок бел слој и без чувство на маснотија. На тој начин се обезбедува висока фотозаштита со подобра козметичка прифатливост и удобност при користење. Благодарение на ваквите технологии, минералните SPF производи можат лесно да се користат секојдневно и да се нанесуваат повеќепати во текот на денот.
Широкоспектарната заштита е особено важна бидејќи UVA и UVB зраците се вклучени во процесите на фотостареење, пигментации и карциномина кожа. Производите со висок SPF обезбедуваат подобра заштита од штетното дејство на сонцето, особено кај лица со светол фототип, чувствителна кожа, кожа склона кон хиперпигментации или кожа изложена на интензивно сонце.
Правилната употреба е клучна за ефикасна фотозаштита. Производот треба да се нанесува рамномерно и обилно на сите изложени делови од кожата најмалку 15 до 30 минути пред изложување на сонце. За оптимална заштита потребно е повторно нанесување на секои два часа, како и по капење, потење или бришење со пешкир, дури и кај формули означени како отпорни на вода.
Минералните SPF формулации се погодни за секојдневна употреба и за чувствителни зони како нос, јаболчници, чело, контури на очи и усни. Практичните stick формулации овозможуваат лесна и прецизна апликација без размачкување, што ги прави особено погодни за повторно нанесување во текот на денот, при спортски активности, патување или изложеност на интензивно сонце.
Фотозаштитата има значајна улога и во превенција на фотостареење. Оштетувањата предизвикани од UV зрачењето се акумулираат со текот на времето и доведуваат до појава на брчки, нерамномерен тен, губење на еластичноста и пигментации. Редовната употреба на производи со висок UVA и UVB фактор помага во зачувување на рамномерниот изглед и здравата структура на кожата.
Производите со минерални филтри се препорачуваат и кај кожа склона кон иритации, по дерматолошки процедури, како и кај лица кои претпочитаат минималистички и високо толерантни формулации. Благодарение на нивниот добар безбедносен профил и нискиот ризик од сензибилизација, тие се погодни за чувствителна кожа изложена на секојдневни надворешни влијанија.
Достапните податоци укажуваат дека минералните филтри како цинк оксид и титаниум диоксид имаат одличен безбедносен профил и минимална системска апсорпција. Современите формулации со микронизирани честички обезбедуваат ефикасна заштита без значајна пенетрација во подлабоките слоеви на кожата. Поради тоа, минералните SPF производи често се избираат од лица со чувствителна кожа или од оние кои сакаат високо толерантна фотозаштита.
Иако несаканите реакции на производи за фотозаштита се ретки, чувствителната кожа може да реагира на одредени состојки, мириси или конзерванси. Минералните формулации се познати по нискиот потенцијал за иритација и генерално добро се поднесуваат при секојдневна употреба.
Секој тип кожа може да биде оштетен од UV зрачењето, без разлика на возраста или фототипот. Затоа, редовната фотозаштита претставува важен дел од секојдневната рутина за нега на кожата и долгорочна превенција од оштетувања предизвикани од сонцето. Покрај употребата на производи со широк спектар на заштита, се препорачува избегнување директно изложување на сонце во периодот од 10 до 16 часот, носење заштитна облека и избегнување солариуми.
Континуираната и правилна употреба на фотозаштита помага во намалување на ризикот од изгореници, фотостареење, пигментации и долгорочни оштетувања на кожата. Благодарение на современите минерални формулации, можно е да се обезбеди висока UV заштита, добра толеранција и удобна секојдневна употреба, дури и кај чувствителна кожа изложена на интензивни надворешни влијанија.

































