Автор: д-р Христина Брешковска, дерматовенеролог на Универзитетската клиника за дерматологија
Хиперпигментациите се едни од најчестите дерматолошки состојби што се манифестираат со појава на дамки или делови од кожата со поизразена пигментација во однос на нејзината природна боја. Настануваат како резултат на зголемено создавање или нерамномерна распределба на меланинот – природниот пигмент што ја одредува бојата на кожата.
Причините за нивната појава се многубројни и често меѓусебно поврзани. Еден од најзначајните фактори е изложеноста на ултравиолетово (UV) зрачење, кое го стимулира процесот на меланогенеза преку активирање на тирозиназата, клучен ензим во синтезата на меланинот. Темни дамки може да се појават и како последица на воспалителни процеси или оштетувања на кожата, најчесто по акни и егзема – состојба позната како постинфламаторна хиперпигментација. Значајна улога имаат и хормоналните промени, особено во текот на бременоста или при употреба на орални контрацептиви, што е карактеристично за мелазмата. Генетската предиспозиција, како и употребата на одредени лекови, дополнително можат да придонесат за појавата на пигментни промени.
Токму разновидноста на причините и сложеноста на механизмите што учествуваат во создавањето на хиперпигментациите објаснуваат зошто нивниот третман претставува предизвик и ретко може да се заснова само на една активна состојка. Ова особено се однесува на мелазмата, која се карактеризира со хроничен тек, отежнат терапевтски одговор и изразена склоност кон повторно појавување. Затоа, современиот пристап сè повеќе се темели на комбинација од активни состојки што дејствуваат во различни фази од процесот на пигментација, со цел да се постигнат подобри и подолготрајни резултати.
Ниацинамид – повеќекратно дејство врз пигментацијата и кожната бариера
Меѓу активните состојки што имаат значајно место во негата на кожата со хиперпигментации се издвојува ниацинамидот, познат и како никотинамид, физиолошки активна форма на витаминот Б3.
За да се разбере неговото дејство, важно е да се познава начинот на кој меланинот се создава и се распределува во кожата. Неговата синтеза се одвива во меланоцитите, во специјализирани структури наречени меланозоми. Оттаму, меланозомите се пренесуваат кон околните кератиноцити, овозможувајќи распределба на пигментот низ епидермисот.
Ниацинамидот дејствува токму врз овој механизам, така што го инхибира трансферот на меланозомите од меланоцитите кон кератиноцитите, со што придонесува за намалување на видливата пигментација и постепено изедначување на тенот.
Но неговата вредност не се ограничува само на влијанието врз пигментот. Ниацинамидот поседува и антиинфламаторни својства, а истовремено ја стимулира биосинтезата на церамиди и други липиди во рожестиот слој (stratum corneum). На тој начин придонесува за подобрување на епидермалната бариера, зачувување на влажноста и зголемување на отпорноста на кожата кон надворешните влијанија. Ова повеќекратно дејство е особено значајно кај кожата која, покрај хиперпигментации, покажува и знаци на чувствителност или нарушена бариерна функција.
Ефикасноста на ниацинамидот е поткрепена и со клинички истражувања. Во осумнеделна рандомизирана студија, спроведена кај 27 жени со мелазма, примената на 4 % ниацинамид довела до значајно подобрување на пигментните промени, со просечно намалување на тежината на мелазмата за 62 %. Овие резултати го потврдуваат потенцијалот на ниацинамидот како корисна активна состојка во третманот на мелазмата.
Витамин Ц – влијание врз создавањето на меланинот
Додека ниацинамидот првенствено влијае врз преносот и распределбата на пигментот, витаминот Ц дејствува во претходната фаза – врз процесот на неговото создавање.
Витаминот Ц е добро познат по своите антиоксидативни својства, но има и значајна улога во регулирањето на меланогенезата. Истражувањата покажуваат дека може да ја намали синтезата на меланинот преку инхибиција на активноста на тирозиназата, ензим што има централна улога во овој процес. Вакви ефекти се забележани како во експериментални испитувања на култивирани меланоцити така и во истражувања во жив организам (in vivo).
Покрај влијанието врз пигментацијата, неговото антиоксидативно дејство придонесува за неутрализирање на слободните радикали и намалување на оксидативниот стрес предизвикан од надворешните фактори, особено од UV-зрачењето.
Благодарение на овие својства, витаминот Ц претставува вредна компонента во негата на кожата со нерамномерен тен, мелазма и постинфламаторни хиперпигментации. Неговото комбинирање со ниацинамид има јасна биолошка основа, бидејќи двете состојки дејствуваат врз различни, но меѓусебно поврзани механизми во процесот на пигментација.
Алфа-хидрокси киселини – поттикнување на обновувањето на кожата
Покрај намалувањето на создавањето и преносот на меланинот, важен дел од пристапот кон хиперпигментациите е и постепеното отстранување на пигментот што веќе е присутен во површинските слоеви на кожата.
Тука свое место имаат алфа-хидрокси киселините (AHA), меѓу кои најпознати се гликолната и млечната киселина. Нивното дејство се темели на поттикнување на ексфолијацијата и обновувањето на епидермисот, со што се забрзува отстранувањето на површинските клетки што содржат меланин. На тој начин, AHA-киселините придонесуваат за постепено намалување на видливите пигментни промени, подобрување на текстурата на кожата и постигнување порамномерен тен.
За разлика од состојките што директно влијаат врз меланогенезата, нивниот основен ефект е поврзан со обновувањето на епидермисот. Токму затоа нивната примена има особена вредност како дополнување на други активни состојки со депигментирачко дејство.
Гликолната киселина е една од најопширно проучуваните AHA-киселини во третманот на мелазмата, при што најдобри резултати се забележани кај нејзината епидермална форма. Испитувана е и примената на гликолната и другите алфа-хидрокси киселини во комбинација со активирани форми на витаминот Ц. Во студија со 25 испитаници со кожен фототип IV и V, по четири површински хемиски пилинзи било забележано подобрување на пигментацијата и изедначеноста на тенот, при што 96 % од испитаниците постигнале најмалку умерено подобрување.
Фотопротекција – неопходна основа на секој третман
Без оглед на изборот на активните состојки, успешниот третман на хиперпигментациите е тешко остварлив без доследна фотопротекција. Изложеноста на сончево зрачење не само што го стимулира создавањето меланин туку може и да ги одржува постојните пигментни промени и да придонесе за нивно повторно појавување.
Затоа, секојдневната фотопротекција претставува основен дел од третманот и долгорочната превенција на хиперпигментациите, особено кај мелазмата.
Се препорачува редовна употреба на широкоспектарни фотопротективни средства со SPF 50 или повисок, нанесени во соодветна количина, со повторно нанесување на секои два часа при подолг престој на отворено, особено по потење или бришење на кожата. Дополнителна заштита обезбедуваат избегнувањето на интензивното сончево зрачење, престојот во сенка и носењето соодветна заштитна облека.
Колку е значајна доследната фотопротекција покажуваат и резултатите од студија спроведена кај 185 бремени жени, кои редовно нанесувале фотопротектор на секои два часа. Кај 79 % од испитаничките бојата на кожата останала непроменета или станала посветла, додека новонастаната мелазма била регистрирана кај само 2,7 %. Овие наоди ја нагласуваат важноста на превентивната фотопротекција.
Комбиниран пристап – повеќе механизми, една цел
Современиот пристап кон хиперпигментациите се заснова на разбирањето дека пигментацијата е сложен биолошки процес во кој учествуваат повеќе меѓусебно поврзани механизми. Затоа, наместо да се очекува една активна состојка да дејствува врз сите фази, сè поголемо значење добива нивното рационално комбинирање.
Витаминот Ц влијае врз синтезата на меланинот преку инхибиција на тирозиназата, ниацинамидот го намалува преносот на меланозомите кон кератиноцитите и истовремено ја зајакнува кожната бариера, додека алфа-хидрокси киселините го поттикнуваат обновувањето на епидермисот и отстранувањето на веќе присутниот површински пигмент.
На тој начин, различните активни состојки се надополнуваат, овозможувајќи истовремено дејствување врз создавањето, распределбата и отстранувањето на меланинот.
Оттука произлегува и оправданоста за изборот на дерматокозметички препарати што комбинираат ниацинамид, витамин Ц и алфа-хидрокси киселини во соодветни концентрации и добро толерирани формулации. Ваквата комбинација претставува научно заснован пристап кон негата на кожата со хиперпигментации, иако ефикасноста на секој конкретен препарат зависи од неговата формулација и клиничката потврда на резултатите.
Дополнително, во современите дерматокозметички формулации се применуваат и растителни екстракти и состојки со антиинфламаторно дејство. Меѓу нив се екстрактот од грашок и еноксолон, кои се користат како дополнување на активните состојки насочени кон намалување на хиперпигментациите. Еноксолонот, благодарение на своите антиинфламаторни својства, може да придонесе за смирување на кожата, што е особено важно кај пигментните промени поврзани со воспаление.
Присуството на термална вода со специфичен минерален состав придонесува за хидратација, смирување на кожата и поддршка на нејзината природна заштитна бариера.
Особено кај мелазмата, каде што повторното појавување на пигментните промени е често, целта не е само постигнување видливо подобрување туку и негово долгорочно одржување.
Затоа, внимателно избраната комбинација од активни состојки со комплементарни механизми на дејство, заедно со секојдневна и доследна фотопротекција, претставува важна основа за успешна и долгорочна контрола на хиперпигментациите.
































