Автор: Д-р Слаѓана Китанова-Андова, дерматовенеролог
Атопичен дерматит (егзема) е хронична воспалителна болест на кожата која предизвикува интензивно чешање, сувост, црвенило и осип.
Најчесто се јавува кај деца, но може да се појави и кај возрасни.
Појавата на атопичен дерматит има генетска предиспозиција, но влијание има и нарушување на бариерната функција на кожата и имунолошкиот одговор на бројни надворешни влијанија.
Бројни надворешни фактори придонесуваат за нарушување на природна бариерна функција на кожата, со што се зголемува губитокот на вода од кожата, а тоа ја прави кожата сува. Од надворешните фактори ќе ги споменеме следните:
-фактори од околината: температурата и влажноста на воздухот (поизразена сувост во зимските месеци кога воздухот е ладен и сув); прекумерно затоплување или климатизација на просториите во кои се престојува; UV зрачењето (сонцето ја суши кожата);
-нега на кожата: често и долго капење со многу жешка вода, со употреба на сапуни и средства за хигиена кои ги отстрануваат природните липиди на кожата и со тоа ја нарушуваат бариерната функција.
Симптоми на атопичен дерматит
Симптомите на атопичниот дерматит може да варираат во интензитет и зачестеност, се јавуваат во неколку бранови, со повремено влошување и подобрување на состојбата.
На зафатените места се јавува црвенило и воспаление, кожата станува груба, нарамна, а при изразена сувост се јавуваат дури и пукнатини (рагади) кои може да крварат и може да бидат причина за секундарна инфекција и дополнително влошување на состојбата.
Од субјективните симптоми најкарактеристичен и скоро секогаш присутен симптом е чешањето, кое може да биде толку интензивно што го нарушува сонот и квалитетот на живот на детето. Чешањето истотака може да доведе до оштетување на кожата и настанување на секундарни инфекции.
Кај малите деца егземата најчесто најпрво се јавува на лицето, образите стануваат црвени, воспалени и суви. Како што детето расте промените се јавуваат и по телото, на вратот, потоа на рацете, во наборите на лактите и на внатрешната страна на нозете и зад колената.
Совети за нега на кожата
-Да се избегнува често и долготрајно капење и капење со многу топла вода, капењето да трае најмногу 5-10 минути, со млака вода и со благи сапуни и средства за хигиена;
-Да се нанесе соодветен лосион веднаш по капењето, уште додека е кожата влажна;
-Да не се затоплуваат премногу домовите и да се користат навлажнувачи на воздухот во просториите во кои се престојува.
-Да се носи топла облека при изложување на студено време, рацете да се заштитат со ракавици;
-Да се избегнува носење на волнена облека и друга облека која ја иритира кожата;
-Редовно да се користи заштита од сонце со соодветни препарати, дури и во зимските месеци, кога нема сонце;
-Доколку се применуваат сите овие совети, а кожата и понатаму е сува и иритирана, да се посети дерматолог.
Атопискиот дерматит, иако е хронична состојба, со правилна и секојдневна нега може да биде надминат или превениран.

































