Со свечено палење на пламенот на плоштадот Македонија во Скопје, денеска официјално беше отворена првата сезона на „Плазма – Спортските игри за млади“, манифестација што оваа година ќе обедини повеќе од 27.000 деца од целата држава.
Премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање порача дека спортот има клучна улога во развојот на младите и најави дека Владата ќе продолжи со поддршката за спортот и младите генерации, пренесе МИА.
– Спортувајте, другарувајте, учете, затоа што спортот е иднината на нашата татковина Македонија – истакна Мицкоски.
Во рамки на Игрите ќе се организираат натпревари во повеќе спортски дисциплини на локално, регионално и државно ниво, а најдобрите млади спортисти ќе обезбедат место на меѓународното финале во Сплит, каде ќе се натпреваруваат со учесници од регионот.
Министерот за спорт Борко Ристовски нагласи дека Игрите претставуваат многу повеќе од спортски натпревар.
– Спортот не е привилегија, спортот е право на секое дете – порача Ристовски, додавајќи дека државата инвестира во спортската инфраструктура, младите и локалните институции со цел создавање здрави генерации.
Свеченото отворање заврши со палење на симболичниот пламен на плоштадот Македонија во Скопје.















































