Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Русија „немилосрдно ќе одговори“ доколку, како што рече, „нацистичките сили“ се обидат да го нарушат одбележувањето на Денот на победата.
Говорејќи на церемонија во Министерството за надворешни работи во Москва, Лавров оцени дека актуелните безбедносни и политички состојби во Европа бараат „идеолошка и практична борба против нацизмот“, пренесе „ТАСС“.
Тој ја обвини Европа за, како што наведе, обиди за ревизија на историјата и исходот од Втората светска војна, тврдејќи дека во одредени европски кругови постојат повици за повторување на историски модели поврзани со нацистичка Германија.
– Нацизмот, без разлика во каква форма ќе се прероди, ќе биде поразен – изјави Лавров, осврнувајќи се и на настаните организирани во странство во чест на советската победа во Втората светска војна.
Рускиот министер ги критикуваше и изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц за зајакнување на германската армија, оценувајќи ги како „зачудувачки“.
Во однос на војната во Украина, Лавров повтори дека целите на Москва остануваат „денацификација“ и отстранување на, како што рече, безбедносните закани што доаѓаат од украинска територија. Тој го обвини Западот дека го користи Киев како средство за притисок врз Русија.
– Нема да има милост за оние што ги загрозуваат руските интереси – порача Лавров.






























