Фото: Архива

(кон официјалната селекција на краткометражни филмови на 16. Филозофски филмски фестивал)

д-р Дејан Здравков
селектор

Оваа година краткометражната компетитивна програма на Филозофскиот филмски фестивал се обидува повторно да го отслика генералниот тематски концепт на фестивалот и да понуди селекција на нови, смели, уникатни и автентични визуелни нарации. Водејќи се од нашите два главни критериуми, за уметнички квалитет и филозофска релевантност, одново се обидовме и во оваа кратка филмска форма да ги препознаеме оние филмски слики кои успеваат да го транспонираат сопственото лимитирано физичко времетраење (кое е во просек помеѓу 15 и 20 минути) во транстемпоралната, филозофска димензија на филмот и да мотивираат различни перспективи на гледање, толкување, но и на естетско доживување.

Од големиот број филмови кои годинава пристигнаа на нашиот повик, во неколку фази на селекција, се одлучивме за 15 краткометражни филмски остварувања кои доаѓаат од 25 земји копродуценти, и кои ќе бидат прикажани во две вечери – на 24 и 26 мај, со почеток од 18 часот – во Кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Станува збор за филмови во кои авторите, покрај својот личен автентичен филмски јазик, ја покажуваат и својата умешност да расплетат приказна со јасно изградени карактери и фокална перспектива во нарацијата, како и фабула чија длабока аналитичка или симболичка содржина рефлектира низа разновидни и актуелни општествено-политички, егзистенцијални, етички, психолошки и еколошки аспекти на современиот живот.

Програмата ја пополнуваат разновидни филмски остварувања. Ќе видиме нагласено политичко ангажирано дело, чии потресни заднински сцени од Газа, иако одвај неколкуминутни, беа доволен, а сепак сосема неразбирлив повод за хистерични десничарски демонстрации и обид за институционална цензура на еден реномиран европски филмски фестивал во Германија. Ќе проследиме и семејни драми кои ги отсликуваат личните и колективни борби со суровата реалност на системската нееднаквост. Тука е и морничавата претстава за еден замолкнат глас, зашиен со игла и конец како иконична епитомизација на сето искуство на угнетените ширум светот, но и на овогодинешното мото на нашиот фестивал „Слобода во слободен пад“. Селекцијата вклучува и искрени и трогателни приказни за генерациски наследени трауми, за ослободувањето од болката и помирувањето, како и филмови кои понираат до најдлабоките, најсуптилни и најинтимни фрагменти на личната егзистенција.

Особено место во програмата заземаат и филмските адаптации и екранизации инспирирани од книжевни форми, кои како своевиден тренд во последниве неколку години ни доаѓаат најмногу од државите на Латинска Америка. Ова и не треба да зачудува имајќи предвид дека потекнуваат од континент каде што, како што некои велат, луѓето најмногу сакаат да раскажуваат приказни, како природен одраз на една културна и комуникациска традиција којашто во 20. век неизбежно прво ќе се вообличи во фасцинантниот „латиноамерикански бум“ во современата хиспаноамериканска книжевност за, еве, до ден-денес да продолжи да се прелева и на филмското платно.

Се разбира, и покрај сета содржинска и формално-естетска разновидност – како и специфичните регионални обележја кои со себе ги носи секоја кинематографија којашто е застапена во овогодинешната селекција – може да се каже дека нејзиниот емоционален пејзаж го градат главно интимни, топли и хумани приказни кои длабоко резонираат со болните фрактури на нашата стварност.

Секако, би сакал да нагласам дека и оваа година имаме значителен број надежни дебитанти во нашата краткометражна селекција и јас очекувам – а и искрено посакувам – во следните години да сведочиме и за нивни позабележителни успеси со долгометражни авторски проекти.