Долги и скапи судски постапки пред меѓународните судови и одлевање на милионски отштети

Деновиве се „појави“ уште еден начин на нерационално празнење на државниот буџет, а за кој никој не посветува доволно внимание, заради некакви „виши“ интереси(?!). Станува збор за штетите што ги трпат македонската држава и граѓаните со преземање разни инфраструктурни проекти, кои биле поведувани од одредени мотиви, понекогаш многу благородни и со јавен интерес, а често и со партиски мотиви токму пред избори, а кои подоцна, поради некадарност на институциите или поради преценување на финансиските можности, биле запоставувани во нивната натамошна реализација. Но потоа тие биваат процесирани пред меѓународни институции, се водат долги и скапи судски постапки пред меѓународните судови, со кои се бараат и се одлеваат и милионски отштети! И буџетот се празни…

Секоја година, кон крајот на август, секоја досегашна влада пристапува кон ребаланс на буџетот, со намера да се изврши прераспределба на фискалните приходи и да се пополни „дупката“ во државната сметка. Годинава минусот на тековната сметка изнесува стотина милиони евра, кој, како и во претходните години, ќе биде покриен со ново задолжување кај меѓународните банки или со нови даночни зафаќања. Досега никој од носителите на извршната власт не пристапил кон намалување на нерационалните трошоци, кои произлегуваат од недомаќинскиот однос во трошењето на парите што се собрани од граѓаните и од компаниите. Има безброј примери за тоа како со леснотија се трошат народните пари. Од оние „најбаналните“, со користење на службените возила за лични и партиски потреби, преку изработка на бесмислени кампањи за сопствена промоција на државните функционери, до спроведување наместени тендери, преку кои се извлекуваат милионски суми од државната каса, само за лично богатење и партиско финансирање. Деновиве се „појави“ уште еден начин на нерационално празнење на државниот буџет, а за кој никој не посветува доволно внимание, заради некакви „виши“ интереси.

Станува збор за штетите што ги трпат македонската држава и граѓаните со преземање разни инфраструктурни проекти, кои биле поведувани од одредени мотиви, понекогаш многу благородни и со јавен интерес, а често и со партиски мотиви токму пред избори, а кои подоцна, поради некадарност на институциите или поради преценување на финансиските можности, биле запоставувани во нивната натамошна реализација. Но потоа тие биваат процесирани пред меѓународни институции, се водат долги и скапи судски постапки пред меѓународните судови, со кои се бараат и се одлеваат и милионски отштети! И буџетот се празни…

Еден таков пример е случајот со албанската „Амадеус груп“, која бара 110 милиони евра отштета од Македонија пред Арбитражниот суд во Вашингтон. Оваа компанија ја тужи Македонија во Меѓународниот центар за решавање спорови во Вашингтон. Основа на спорот е изградба на хотел и трговски центар во центарот на Скопје. Според тужбата, проектот е закочен, а компанијата ја бара наведената сума за отштета од Владата на Македонија. Медиумите што ја објавија веста во Албанија, а потоа беше пренесена и во дел од македонските медиуми, пишуваат дека во 2014 година Владата во Скопје започна „агресивна програма за обнова на главниот град, со згради во класичен барокен стил, за да се истакне историјата на земјата“. Истата година албанската компанија преку договор купила парцела во центарот на Скопје од Владата на Македонија, каде што требало да изгради хотел во барокен стил висок 16 метри, но очигледно страните не успеаја да го реализира проектот поради спорови, пишува понатаму во написот. Како ќе заврши овој меѓународен спор, дали со исплата на отштета, или со евентуално вонсудско спогодување или, пак, во корист на нашата држава, е неизвесно. Но тоа што е особено важно за македонските граѓани е да знаат уште колку такви спорови се водат против нашата држава. И, што е уште поважно, колку сето тоа ќе го чини дополнително секој наш даночен обврзник?

Листата на „сторнирани“ проекти на централно и на локално ниво за кои се водат долги спорови е долга и недовршена. Вака може да се пишува и зборува уште долго. Но на крајот, секако и најважно, е прашањето за тоа кој ќе ја преземе одговорноста за тоа зошто ни пропаѓаат вакви грандиозни тендери, кои пропаѓаат поради нечија некадарност, политичко слепило или од лични суети на самоповиканите лидери. За тоа кој ќе ја плати цената е сосема јасно. Како и досега, тоа се граѓаните и фирмите што редовно ги исплаќаат своите обврски кон државата

Да потсетиме и на неуспешната реализација на проектот за новиот клинички центар во Скопје, а кој „падна“ во заборав од здравствените власти и од медиумите. Еден од многуте претходни министри што не успеаја да го спроведат проектот на дело е Беким Сали, кој изјави дека италијанската компанија за раскинување на договорот за изградба на нов клинички центар во Скопје бара отштета од 8,5 милиони евра. За изградба на клиничкиот центар се зборуваше и во мај 2017 година. Тогашниот министер за здравство Никола Тодоров соопшти дека новиот клинички центар во Скопје е во вредност од 72 милиони евра, но подоцна тој договор го раскина неговиот наследник Венко Филипче. Тој негираше дека за раскинувањето на овој договор ќе треба да се плаќаат пенали. Но дали е навистина така и како се заврши спорот со италијанската фирма, јавноста не дозна.

Листата на „сторнирани“ проекти на централно и на локално ниво за кои се водат долги спорови е долга и недовршена. Меѓу нив е проект за изградба на новата болница во Штип, за која од сите политички структури ни беше соопштувано дека ќе биде „најквалитетна, најсофистицирана, најмодерна клиничка болница, а наедно и современа здравствена установа за повеќе од 200.000 граѓани во источниот регион“. По толку години болницата сѐ уште не е изградена, поради судски спорови меѓу грчката и македонската компанија што беа избрани како градежни изведувачи. Трошоците за целосно завршување на болницата сѐ повеќе растат, а со тоа и маката и нервозите на пациентите и болничкиот персонал, кои се лекуваат и работат во супстандардни услови. Како пропаднат проект долго време се води и изградбата на Универзалната сала во Скопје, за што беа изработувани и неколку проекти, за што се бараат и исплата на соодветен надомест! Но тоа не им пречи на централната и локалната власт да продолжат со „инаетот“ околу тоа кој да биде носител на славата за нејзина целосна реализација!

Во изминатите месеци како потенцијална можност дека ќе завршат пред меѓународните судски институции се споменуваа и договорите со „Бехтел и Енка“ поради неповолните услови за македонската страна при неисполнувањето на одредени ставки во договорот. Јавната расправа се однесуваше на тоа дека „Владата ќе треба да плати 53 милиони евра како пенали за неовозможување на 60-часовна работна недела, во рок од 45 дена од потпишувањето на договорот помеѓу Владата и ’Бехтел и Енка’“! Ова беше образложено од Владата, која пеналите ги нарече зголемени трошоци заради продолжување на рокот на изведба. Правно покомплициран случај се процедурите околу издавањето на концесиите за ископ на бакар и злато на локалитетот Иловица. Министерот за економија Фатмир Бектеши денеска потврди дека во моментов се разгледува и опција еднострано да се раскине договорот за концесија. Министерот за економија Бектеши смета дека најдобар начин да се спречи отворањето рудници во Струмичко е да се спојат концесиите, но во текот на постапката за добивање дозвола за ископ да се донесе владин акт со кој ќе се докаже дека тие ја уништуваат животната средина.

Вака може да се пишува и зборува уште долго. Но, на крајот, но секако и најважно, е прашањето за тоа кој ќе ја преземе одговорноста за тоа зошто ни пропаѓаат вакви грандиозни тендери, а кои пропаѓаат поради нечија некадарност, политичко слепило или од лични суети на самоповиканите лидери. За тоа кој ќе ја плати цената е сосема јасно. Како и досега, тоа се граѓаните и фирмите што редовно ги исплаќаат своите обврски кон државата.