ПК „Љуботен“ ја гради следната генерација

На 22 и 23 август во хостелот „Китка“ во Вратница ќе се одржи второто издание на младинскиот камп „Бејс камп Љуботен“, иницијатива преку која еден од најстарите планинарски клубови во земјава продолжува да им ги пренесува љубовта кон планината, знаењето и вредностите на новите генерации.
Планинарскиот клуб „Љуботен“ не ја мери својата, повеќе од еден век, долга традиција само во освоени врвови и организирани тури. Нејзината вистинска вредност е во континуитетот – во способноста да се пренесуваат знаењето, искуството и љубовта кон планината од една генерација на друга.
Токму од таа идеја, минатата година, кога клубот одбележа 100 години постоење, се роди „Бејс камп Љуботен“. Она што започна како нова иницијатива, годинава продолжува со второ издание и со намера да прерасне во уште една традиција на клубот.

За разлика од првиот камп, кој се одржа доцна во есента, годинава кампот се сели во лето – на 22 и 23 август во хостелот „Китка“ во Вратница. Кампот е наменет првенствено за млади од 13 до 16 години, а в недела е предвидена и посебна програма за деца од четири до 12 години.
– Во време кога младите поминуваат сè повеќе време пред екрани, целта на клубот е да им понуди поинакво искуство – два дена во кои планината ќе стане нивна училница, а природата простор за стекнување вистински животни вештини. Младите практично ќе учат како се поставува шатор, како се подготвуваат планинарска тура и ранец, како безбедно се движи во планина и како се укажува прва помош. Ќе приготват заедничка вечера, ќе ноќеваат во шатори, а вториот ден ќе го применат наученото на планинарска тура до планинарскиот дом „Љуботен“ – велат организаторите.

Годинашната програма оди и чекор понатаму. „А1 Македонија“ ќе одржи едукативна сесија за сајбер-насилство и безбедно и одговорно однесување во дигиталниот свет, додека преку предавање на Македонското еколошко друштво (МЕД) младите ќе дознаат како се мониторира рисот, како се следат дивите животни и зошто нивната заштита е важна. За најмладите, од четири до 12 години, в недела е предвидена посебна програма со планинарска заклетва, полесна тура низ околината на Вратница, игри и едукативни активности приспособени на нивната возраст.
– Долговечноста на еден клуб не се создава само со чување на неговата историја туку со создавање луѓе што ќе ја продолжат. ПК „Љуботен“ опстојува повеќе од еден век затоа што генерации планинари им ги пренесувале своето знаење, љубовта кон планината и вредностите на оние што доаѓале по нив. „Бејс камп Љуботен“ за нас не е само дводневен камп туку инвестиција во следната генерација – во млади што ќе научат да ја сакаат природата, да бидат самостојни, одговорни, да си помагаат и да функционираат како заедница. Ако сакаме „Љуботен“ да има уште сто години традиција, денес треба да им дадеме причина на младите да станат дел од неа – изјави Јован Божиновски, претседател на ПК „Љуботен“.

Со „Бејс камп Љуботен“, клубот не создава само уште еден настан во календарот туку вложува во генерацијата што треба да ја продолжи неговата приказна. Затоа што традицијата не се чува само со сеќавање на минатото. Традицијата се чува кога има кому да му ја предадеме.

С.Ј.