Славко Јаневски

Од творештвото за деца на писателот Славко Јаневски

  • Денеска издвоивме две пригодни песни од македонскиот писател Славко Јаневски со цел да ви го направиме летото уште поинтересно и позабавно, но и да ги предизвикаме вашите умни глави да истражуваат и да размислуваат преку прашањата што ги подготвивме за вас. Песниве што ги споделуваме се доказ дека и преку стиховите може да се патува

Славко Јаневски е едно од најзначајните имиња во македонската литература. Тој е автор на првиот роман на стандарден македонски јазик „Село зад седумте јасени“ објавен во 1952 година. Роден е на 11 јануари 1920 година во Скопје. Припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна. Јаневски е раскажувач, романописец, поет, автор за деца, филмски сценарист, есеист и сликар. Бил главен уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а подоцна и на списанието за деца „Титовче“. Тој е еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија, а бил и негов претседател. Бил член на македонскиот ПЕН-центар, претседател на Советот на „Струшките вечери на поезијата“, како и член на Македонската академија на науките и уметностите од нејзиното основање во 1967 година.
Од неговото творештво за деца ќе ги спомнеме книгите: „Пионери, пионерки, бубачки и шумски ѕверки“, „Распеани букви“, „Снешка“, „Шеќерна приказна“, „Сенката на Карамба Барамба“, „Марсовци и глувци“, „Црни и жолти“ и др.
Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои: „АВНОЈ“ (1968); „11 Октомври“; наградата на СВП „Браќа Миладиновци“; наградата на градот Скопје „13 Ноември“; „Кочо Рацин“; „Македонско слово“; наградата за книжевен опус на ИРО „Мисла“ и „Мирослав Крлежа“. Исто така, тој е добитник на две „Златни арени“ за сценарио на филмскиот фестивал во Пула, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1974).
Славко Јаневски почина на 20 јануари 2000 година во Скопје. Во спомен на неговото дело, на 29 јануари 2010 година, во паркот „Жена-борец“ во Скопје бил откриен негов споменик, дело на академскиот вајар Томе Серафимовски. Исто така, во Општина Центар во 2013 година била отворена читалница именувана во негова чест. По повод 100 години од неговото раѓање, 2020 е прогласена за година на Славко Јаневски. Фондацијата „Славко Јаневски“ секоја година традиционално ја доделува наградата „Роман на годината“.

Подготвил: Ф.Д.


Бунтот на чадорите

Најди го на својата карта
во Индонезија
градот Џакарта…
Е, во тој град
на тезгето на некој Лун,
се кренале чадорите на бунт,
изрипале од ќош
зашто три месеци
над градот не паднал дожд.

Таа чудна формација
од чадори црни и бели
решена на демонстрација
ревела по улици врели:
– Бараме под точка разно
да се смени сводот лош,
живото ни мине празно,
без облаци и дожд!

На чадорите им се придружиле
олуците ѕвонливи,
гумените црева,
прскалките сонливи и сувата трева.
Сообраќајот запрел,
рикшите се споулавеле,
преплашените риби
в море се удавиле.

Веста ми ја донесе
една птица селица,
ми рече: – Во Џакарта
страшна е врвулица,
мешаница,
турканица,
градот е зовриен кош!
А ова се случило-
затоа што долго, долго
не заврнал дожд.


Пошла прва камила,
пошла втора камила

Пошла прва камила, пошла втора камила
Нигде тревка нигде камен,
а понекој беспат рамен
низ Нубија-кој се шири
песок под кој ветар свири
со шуплива коска мала
тажна песна тра-ла-ла-ла
одат безброј млади, стари
камилчиња,
камили и камилари…

Крај Нил, таа река света,
бела чапја со крик лета
и фараон еден стои,
од камен е, стар и престар,
но во себе везден брои:
пошла прва камила,
пошла втора камила,
пошла трета камила…

Нил се влече, свој пат знае,
во песокот живот ткае,
фараонот на трон седи-
ни се движи, ни па клепка,
бројки реди:
пошла шеста камила,
пошла седма камила,
пошла осма камила…

Со векови дните минат,
не се кинат,
па се низа
достојна за анализа,
зашто вечно ветер гони
полк облаци, браќа свои,
зашто вечно Рамзес брои –
милиони,
билиони
млади, стари
бедуини, камилчиња,
камили и камилари…

А во една таква сметка
секој лесно ќе се сплетка
и ќе падне в тежок сон.

И затоа, браќа мои,
сѐ одново исто брои
камениот фараон:
пошла прва камила,
пошла втора камила,
пошла трета камила…


Истражи и дознај

1. На Википедија на македонски јазик прочитај повеќе за делата на писателот Славко Јаневски. Направи список на неговите книги за деца и провери кои од нив си ги прочитал досега.
2. На глобус или на картата на светот најди го градот Џакарта. Потоа во енциклопедија или на интернет прочитај податоци околу овој град и сподели ги со најблиските.
3. Прашај другарче, повозрасен или, пак, сам истражи и научи што е фараон.

Илустрација креирана со ВИ
Илустрација креирана со ВИ