Американскиот претседател, Џо Бајден, на виртуелен самит на кој присуствуваа стотици земји изјави дека на демократијата и се потребни шампиони.

„На демократијата во светот ѝ се потребни шампиони за да се соочи со големи и загрижувачки предизвици“, рече Бајден од Белата куќа. Тој рече дека дури и САД мора постојано да се борат за да останат на врвот на своите демократски идеали и додаде дека ниту една поканета земја не е совршена.

Претседателот на САД ги повика земјите да работат заедно за да се спротивстават на автократите кои ги оправдуваат нивните репресивни политики и практики како најефективно средство за соочување со предизвиците во моментот. Со тоа, рече тој, тие сеат семе на сомнеж во капацитетите на демократските држави, во нивната ефикасност во грижата за своите граѓани.

Самитот на Бајден за демократија предизвика контроверзии и бурни реакции бидејќи од листата, меѓу другите, беа изоставени Русија, Кина и Унгарија, а на прелиминарната листа не беа ниту Србија, Косово и Босна и Херцеговина. Сепак, беа поканети земји како Филипините и Конго, кои се рангирани многу ниско според индексите на демократијата. Косово и Србија потоа беа вклучени.

Русија и Кина ја критикуваа произволната листа, велејќи дека САД си дозволуваат да дефинираат која земја е демократска, а која не се квалификува за статусот, што тие го гледаат како дел од менталитетот на Студената војна.

Поканата до Тајван да учествува на самитот дополнително ја иритира Кина. Бајден најави и дека нема да испрати никаква официјална делегација на Зимските олимписки игри во Пекинг, а кон дипломатскиот бојкот се приклучија и Австралија, Велика Британија и Канада. Но, на игрите ќе учествуваат спортисти од тие земји. Покрај Кина, САД во моментов минуваат низ многу тензични односи со Русија.

Стејт департментот најави искреност во преземањето на својата нова улога, велејќи дека мора да ја искористи можноста да слуша, учи и зборува за предизвиците со кои се соочува демократијата во Соединетите држави и да учи од другите. Ерик Вотен, професор по геополитика и право тврди дека САД обично не се подготвени да учат од други земји.

„САД сакаат да мислат декасе светилник за другите земји“, рече Вотен. Коментирајќи го списокот од околу 110 поканети земји, институции и невладини организации, Вотен тврди дека не постои начин да се направи список на кој демократијата ќе биде неспорна бидејќи таа секогаш ќе биде субјективна.

„Со цел да се спротивстави на Кина и Русија, администрацијата на Бајден создаде самит во контекст на засилена борба за превласт. Разликата во тоа како Европа и САД ја перципираат оваа голема борба за моќ е нешто на кое треба да се обрне внимание“, заклучи тој.