Франција нема да го следи примерот на некои други западни влади и нема да ги бојкотира Зимските олимписки игри во Пекинг во февруари, иако секое кршење на човековите права во Кина мора да биде осудено, изјави денеска францускиот министер за образование, Жан-Мишел Бланкер.

Што се однесува до дипломатскиот бојкот, Франција нема да го стори тоа“, изјави Бланкер на телевизијата БФМ.

Според него, спортот е свет сам по себе, кој мора да биде заштитен од политичко мешање, пренесува „Ројтерс“.

„Министерката за спорт, Роксана Марасинеану, ќе присуствува на Олимпијадата во Пекинг“, рече Бланкер, но додаде дека кршењето на човековите права мора да се осуди.

Сепак, францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, претходно изјави дека Париз треба да заземе заеднички став со другите земји од Европската Унија за евентуален дипломатски бојкот.

Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и Велика Британија неделава објавија дека нивните државни претставници нема да присуствуваат на Игрите во обид да испратат порака до Кина за состојбата со човековите права во таа земја.

Париз треба да биде домаќин на Летните олимписки игри во 2024 година.