ОДБОЈКАРИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ СО ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ЕП 2026
- Како што планиравме, акцентот е ставен на физичката подготовка и на основната индивидуална техника, за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко-тактичка подготовка, вели селекторот Миленкоски
Првата фаза од темпирањето на формата за настап на Европското првенство (ЕП) годинава за машката одбојкарска репрезентација се одвива беспрекорно, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Сениорите „избегаа“ од летните горештини и во одлична атмосфера и услови се подготвуваат во Крушево, каде што според селекторот Јошко Миленкоски сѐ се одвива според планот.
– Сѐ оди според планот. Репрезентацијата и стручниот штаб се комплетирани, некои од младите одбојкари што се на поширокиот список тренираат тука и со селекцијата до 20 години. Речиси по цел ден сме во сала. Имаме по два тренинга дневно, едноподруго сме во сала со младите и во целост ја спроведуваме предвидената програма. Конкретно, кај сениорската репрезентација сѐ е во најдобар ред. Како што планиравме, акцентот е ставен на физичката подготовка и на основната индивидуална техника, за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко-тактичка подготовка. Имаме одлични временски услови во Крушево, комплетна сала на располагање и го користиме максимумот.
Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките и веруваме дека во следниот период ќе продолжиме со квалитетната работа и на уште повисоко ниво – изјави Миленкоски, пренесе ОФМ.
Сениорите до утре ќе бидат во Крушево, а потоа подготовките за ЕП 2026 ќе ги продолжат во Скопје, каде што ќе тренираат во СЦ „Јане Сандански“. Во втората фаза е планирано да се одиграат три контролни меча во почетокот на септември, непосредно пред заминувањето на ЕП во Софија.
Сениорската репрезентација на Македонија на четвртото континентално натпреварување во низа ќе биде во групата Б во Софија, каде што ќе игра со домаќинот Бугарија, Полска, Португалија, Украина и со Израел. Делегацијата на 7 септември наутро патува за Софија, а два дена подоцна (20 часот) со меч со домаќинот го отвара настапот на ЕП 2026, пишува ОФМ. Г.И.


































