Токсични медиуми, отруена планета

  • Неодамнешните скандалозни новинарски настапи потврдија дека журнализмот е длабоко навлезен во опасната фаза на токсичност. Скот Ритер за една панарапска телевизија изјави дека Израел е канцерот на планетата и оти треба да го снема, додека познатиот германски новинар Михаел Мартенс јавно го праша Зеленски како можеме ние во Европа да ви помогнеме да убивате повеќе Руси (?!). Кои НИЕ, господин Мартенс?
  • Ни Македонија не беше поштедена од токсичното новинарство, не, не, напротив. Потсетете се на 2001-та. Но постои и еден друг опасен тренд овде и сега, токму кај нас, како дел од таа новинарска отровна зараза некој сека да го исклучи светлото на Гутенберговата цивилизација

За новинарството, професија во исчезнување, и за стапицата во која новинарите не сакајќи влегоа затоа што ги купија сосе партали. Некогаш важна професија, на исто рамниште со дипломатијата, но, ете, и журнализмот и дипломатијата се симнаа на ниски гранки. А не мораше. Едноставно, немаше потреба од тоа. Новинарите не само што беа славни туку беа и неопходни за развојот на демократијата, за тој глад за информации, но и потребата да се стигне до вистината. Денес вистината има илјада лица, а тоа значи – па, кому му е гајле за вистината, ни треба слика, атракција, нешто гадно, а да оди во живо. Прашајте ги децата од Тикток. Тие мислат дека се славни како новинари. Не оди тоа така.
Смртта на расното новинарство била најавена, па и објавена многу одамна, ама ние не сме знаеле. Некои се убедени, ете уште се убедени, дека 80-тите од минатиот век биле најубавите (а што со 1970-тите?). Но, тоа се години кога го преспавме 20 век, а особено 21 век, век на вируси и модерни ропства. Имав можност во 2000 година на Универзитетот „Тексас“ во Остин да слушам предавање на професорот по новинарство Роберт Јенсен, кој рече дека последната истражувачка сторија во американското новинарство е објавена во 1972 година и се вика „Аферата Вотергејт“, која придонесе претседателот Ричард Никсон да поднесе оставка. Двајца млади новинари на „Вашингтон пост“ хранети со информации од извор наречен „Длабоко грло“ ќе објават серија текстови што ќе ја сменат историјата на новинарството и на политиката во Америка. Барем за некое време. Денес, како што ќе рече Јенсен, нема такви големи истражувачки стории, а „Вашингтон пост“ е во рацете на еден мултимилијардер – Џеф Безос, кој рече дека го купува весникот, но ќе ја зачува традицијата.
И што еден новинар од Македонија како мене по такво предавање ќе си помисли за нашево локално новинарство?! Пораз или… Новинарите ретко ќе признаат пораз, па затоа секогаш си велиш – не се предавам. Но околината во која се наоѓаш те демантира. Политичките машини ја убиваат етиката, а моралот е еден од главните постулати на секој журнализам – од локалниот до мејнстримот. Така сме учени, и без таа морална вертикала, која е скала до вистината, ние не сме важни, па дури и сме безопасни. Па, каде сме? Не само ние, туку глобално.

Во таа (пуста) Америка се изнаслушав за различни видови новинарство, а најинтересен ми беше концептот на таканареченото „граѓанско новинарство“, нешто за кое првпат слушнав на предавања во Институтот „Пју“. Кога при посета на „Вашингтон пост“, каде што група новинари им бевме гости на уредничкиот колегиум, ги прашав што мислат за граѓанското новинарство – главниот уредник отсечно ми одговори: Не знам што е тоа. Ни јас, и уште не знам прецизно каде да го сместам тоа новинарство. Да се согласиме дека постои и дека е вредно да се практикува. Од таа 2000 година поминаа многу новинарски води, пропаднаа многу дневни редакции, како во светот така и кај нас, се намалуваа бројот на вработените во таканаречениот деск на редакцијата, а без деск нема весник, радио или телевизија, па стигнавме до човек-медиум. Дали е за фалење? Прашањето е недостојно, ве молам. Недостојно за нас што сме виделе што е редакција, за нас што сме се тепале за информација, за тој тип новинари вкоренети во кредото дека за вистината вреди да се гине. Да се оди и да се провери. Да се дискутира на колегиум и да се размислува, секогаш да се има тоа предвид, дека јавниот интерес е број еден. Дека веста е најгоре. Врвот на пирамидата.
Јас не знам кој овде во Македонија ќе го исклучи светлото на Гутенберговата цивилизација, што ќе рече да им ја отсече главата на печатените медиуми, пред сѐ на дневните весници, но гледам дека натаму се оди. Тоа е дел од она што јас сега и овде го нарекувам подем на токсичното новинарство. Новинарство што се потпира на непроверени информации, на ти реков-ми рече, Радио Милева во дигитален формат, сметајќи нѐ нас традиционалистите за црква што треба да се затвори. Но ние не сме атеисти, рековме, ние веруваме во вистината, па дури и во вашиот нов бог наречен вештачка интелигенција, без која сте тапа џонсон. Опасно е тоа отровно новинарство. Го видов со свои очи токму во Брисел во старото седиште на НАТО во 1999 година. Собрани во салата за прес-конференции стотици новинари. Доаѓа на говорницата една позната НАТО-фаца, излезен како од холивудски филм, сериозна конкуренција на генерал Весли Кларк – Џејми Шеј. Тој објавува капитулација на Србија (СРЈ), која, замислете, во еден шатор во Куманово потпиша договор наречен Воено-технички. Кога Шеј го кажа тоа, во салата одекнаа извици, аплаузи, една неверојатна новинарска егзалтација. Тоа беа новинари, кои по дефиниција се непристрасни, високоморални индивидуи, трагачи по втората страна. Нас нѐ учеле да веруваме во тоа, но кога ќе ги видиш твоите идоли на дело, морам да признаам – се разочарав. Не во тој договор, туку во токсичноста на новинарите. Таа нивна истренирана отровност ја видов и овде кај нас во 2001 година. Кога бев на студиски престој во Америка, на едно предавање им кажав нешто од кое тие, и студенти и професори, се шокираа. – Кога ќе видите дека во градот ви дошла Кристијан Аманпур, бидете сигурни дека за две недели ќе имате војна. Тие немаа поим за таа токсичност на „Си-ен-ен“, а и ние бевме наивни. Џабе јас се карав со Метју Ченс, тој си тераше по неговата токсична скрипта. Тие секогаш имаат понекое жарче што ќе ти го пикнат под ќебето, а го нарекуваат – факт. Пожар, нели. Секако, го изгореа светот.

Неодамна пак ми пукна новинарскиот филм. Два настана се должни за реакција. Првиот е со Скот Ритер, Американец, разузнавач, поранешен експерт за разоружување на ОН, креатор на јавното мислење (опа бато), кој е претставен како специјалист за одредени теми. Неодамна во емисија за панарапската медиумска куќа со седиште во Бејрут, Ал Мајадин (во превод Плоштад, по угледот на шарените левичарски револуционери) кажа неколку опасно токсични реченици. Клучни се две-три. За овој проирански и прохезболашки медиум тој истакна дека „Израел е канцер на планетата“, „Тој не треба да постои“, „Веднаш крај на Израел“, „Ако бев Иранец ќе ги бомбардирав израелските постројки за десалинизација на водата“. Кој вчера, денес или можеби и утре зборува вака, кој користи ваков потпалувачки, анихилистички речник, ве молам. Вие можете да не го сакате Израел или некој друга земја, еве, на пример Македонија, но кој вели дека таа држава не треба да постои. И тоа веднаш да ја снема? Оваа отровност, која ја зарази целата планета, извира од состојбата на неказнивост, на еден неморален систем што смислено поттикнува ваква реторика. Ова е нарачан спектакл. Од ова некои се хранат, некои прават милиони. Некои поради вакви изјави ќе настрадаат, ќе бидат убиени зашто некој го побарал тоа и го оправдал таквото барање, на некои, ако се колебале, сега им е расчистено дека треба да облечат униформа за да убиваат Евреи или некои други. Денес новинарското убиство е доведено до степен на масовно злосторство. И никому ништо.
По Ритер, ништо подолу не беше ниту германскиот новинар, и нам познат, Михаел Мартенс, кој на прес-конференција во Белград на Вучиќ и Зеленски, украинскиот претседател ќе го праша: Како можеме ние од Европа да ви помогнеме за да убивате повеќе Руси, се разбира руски војници. Додавката руски војници доаѓа по именката Руси. Но и така поставено прашањето воопшто не е новинарски коректно, ниту е според новинарската етика. Во чие име го поставува прашањето дописникот на ФАЗ од Белград – на јавноста или на некој германски или европски политичар? Некои, пак, потсетуваат дека неговиот дедо бил под униформата на нацистите, па логично би било и такво прашање – дали тоа семејното стебло го поттикнало на ваков однос на јавна прес-конференција. Мартенс не смета дека треба да се извини за ваквото прашање, кое е како смртоносен рафал прецизно насочен кон еден народ, и истакнува дека „надвор од светот на Барби, баш вака се водат војни“. Мене како новинар што бил на стотици и стотици прес-конференции не ми е јасно на кои тоа „ние Европејци“ мисли Мартенс. Кои се тоа ние (која екипа ја претставува германскиот новинар). Очигледно излегол од новинарската екипа затоа што во едно прашање прекршил цел еден новинарски кодекс, па ги напуштил моралната линија и границата на непристрасност за да стане – НИЕ.
Тоа е таа токсичност што денес се шири како зараза сѐ побрзо и побрзо. А ја шират токму тие што ни се поставија како авторитети за сѐ и сешто, па и за новинарството. Тоа нивно новинарство што ја отру и ја труе планетава од југ на север, од запад кон исток.
И по сево ова, повторно се прашувам – дали тоа НИЕ ДРУГИТЕ сме глупави што се залагаме за мир, за правда, за вистина, за принципи, за морал, за хуманизам… Сепак, не сме, верувајте.