Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и годинава се сретна со најдобрите млади инженери, добитници на престижното признание „Инженерски прстен“.
На средбата младите инженери ги претставија своите области на интерес, проектите на кои работат и темите што ги мотивираат, но говореа и за своите очекувања поврзани со професионалниот развој и можностите своето знаење да го стават во функција на развојот на земјата.
Божиновска ги охрабри да продолжат да учат, истражуваат, иновираат и своите идеи да ги претвораат во конкретни решенија.
– Секоја држава има потреба од знаење, но уште повеќе има потреба од млади луѓе кои знаењето знаат да го претворат во идеи, а идеите во конкретни решенија. Вашиот успех не е само личен успех – тој е и потенцијал за напредок на Македонија – порача Божиновска.
Таа додаде дека вратите на Министерството се отворени за младите, нивните идеи, иницијативи и проекти.
На средбата се разговарало и за можностите за поголемо поврзување на младите инженери со институциите, нивно вклучување во идни проекти и создавање услови нивното знаење и иновативност да бидат дел од развојните процеси.
Според Божиновска, ваквите средби се можност институциите директно да ги слушнат младите, нивните потреби, предизвици и очекувања.
– Ни требаат млади инженери кои ќе останат храбри во своите идеи и упорни во нивната реализација. Државата мора да создава простор за нивниот развој, а институциите да бидат нивен партнер – истакна министерката.
Како дополнителен поттик за нивните досегашни достигнувања и идниот професионален развој, Божиновска им додели на младите инженери посебни признанија за инженерски потенцијал и развој.
Признанието „Инженерски прстен“ годинава се доделува по 23. пат, а досега го добиле вкупно 257 инженери.
Годинашни добитници се Марта Митева, Арбана Касами, Антонио Томески, Јане Коцески, Мила Саздова, Огнен Пендаровски, Марија Симоновска, Никола Петровски, Михаил Трајков, Мила Чолакоска, Стефана Димитриеска, Симеон Наловски, Стефан Спасов и Тамара Атанасова.
Тие доаѓаат од повеќе високообразовни институции, меѓу кои Архитектонскиот, Градежниот, Машинскиот, Технолошко-металуршкиот факултет, ФЕИТ, ФИНКИ, ПМФ, Факултетот за земјоделски науки и храна, како и факултети при Универзитетот во Тетово, УКЛО и УГД.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини порачаа дека институцијата останува отворена за младите, нивното знаење, идеи и иновативност, со цел нивниот потенцијал да биде дел од создавањето модерна и развојна Македонија.































