Самостојната изложба „Фикции“ на Игор Тошевски е отворена во културниот центар „Јадро“. Изложбата ги спојува гласните филмски наслови на платно со тивките редимејд-објекти за да претстави судир помеѓу кинематографскиот мит и критичката мисла. Позајмувајќи ја естетиката на висок контраст, остри сенки и драматичната типографија од филм-ноарот од средината на минатиот век, изложбата ги преведува постструктуралистичкото истражување и културната теорија во остри визуелни декларации.
Заедно, текстот и објектот конструираат тензија помеѓу знакот и реалноста, сенката и супстанцијата, трудот и илузијата. „Фикции“ ги поканува гледачите во соба со неснимени филмови и теоретски трилери каде што публиката е ставена во просторот помеѓу она што е видливо, она што се кажува и она што останува затскриено.
– Игор Тошевски како и секогаш ни ги отвора вратите кон непознатите коридори на скриените, невербализирани значења што се наоѓаат во затскриените, невидливите, тешко изречените, премолчените јазични, општествени, етички и естетски јадра. Дискретно, во специфичен, атипичен лирско-субверзивен формат, тој ги артикулира трагите на политичкото, јаловото, она што боли, во својот речиси сеништен, а толку телесно ранлив графички спектар, единствен според своите специфики. Неговата когнитивно-аналитичко-лирска поетика создава слоевит визуелен јазик во кој се проникнуваат критичката, спекулативната, социопсихолошката и филозофско-политичката калеидоскопска перспектива – пишува Искра Гешоска.































