Фото: Пиксабеј

Возењето велосипед до работното место може да придонесе за подобро физичко и ментално здравје на вработените, намалено отсуство од работа и пониски трошоци за здравствено осигурување и за компаниите, објави Француската федерација на корисници на велосипеди. Истражувачите изјавија дека вкупниот ризик од смрт е намален за околу 10 проценти кај луѓето што возат велосипед 100 минути неделно.
– Ова значи дека дури и кога ќе го земеме предвид ризикот од паѓања или загадување на воздухот, целокупниот резултат е сепак во голема мера корисен – рече експертот за здравствени ефекти од климатските политики Кевин Жан.
Според него, физичката активност придонесува за намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок, фрактури, дијабетес тип 2, рак, депресија и анксиозност, и ги подобрува сонот, когнитивните функции, здравјето на коските и мускулите и менталното здравје.
Една студија покажа дека ако 25 проценти од кратките патувања со автомобил помали од пет километри се заменат со возење велосипед, околу 2.000 смртни случаи би можеле да се избегнат годишно. Студиите, исто така, покажаа дека возењето велосипед до работа е поврзано со помалку отсуства од работа. Истражување од 2010 година, спроведено на околу 1.000 Холанѓани, покажа намалување од 15 проценти на отсуства од работа кај вработените што возеле велосипед до работа. Друга студија, спроведена на 28.000 вработени во Финска од 2019 до 2022 година, покажа дека отсуствата од работа се намалиле од осум до 12 проценти кај оние што возеле велосипед најмалку 60 километри неделно. Долгорочните боледувања се намалиле за 18 проценти. Студија на 800 учесници во Велика Британија во 2016 година покажа дека велосипедистите имале просечно еден ден помалку отсуства од работа годишно, заедно со подобрено ментално здравје.
Според анализата на економистот и професор Лоран Капелети, отсуството од работа ја чини француската економија повеќе од 100 милијарди евра годишно, или околу три проценти од БДП. Поради ова, некои работодавци воведуваат мерки за охрабрување на вработените да доаѓаат на работа со велосипед.