Фото: Пиксабеј

Престижни награди

Престижниот гастрономски и туристички водич „Мишелин“ објави нов глобален избор на најдобрите хотели за 2026 година, а Италија стана апсолутен победник на европскиот континент. Во најновата евалуација на луксузниот сместувачки капацитет, дури 224 италијански хотели ја добија престижната ознака „Мишелин клуч“, со што Италија ја престигна Франција (220 хотели) и убедливо ги надмина Обединетото Кралство (131) и Германија (130).
Овој систем за оценување е хотелски еквивалент на познатите ресторански ѕвезди. Инспекторите доделуваат еден, два или три клуча, оценувајќи пет строги критериуми: архитектура и внатрешен дизајн, квалитет и конзистентност на услугата, личност и карактер на објектот, однос цена-квалитет и целокупен придонес кон локалното искуство на гостите. Еден клуч – значи посебен престој и објект со посебен карактер што нуди значително повеќе од стандардното сместување во својата категорија. Два клуча – го носат белегот на исклучителен престој во незаборавна средина со беспрекорна услуга. Три клуча – највисокото и најретко ниво на признание, резервирано за врвот на светскиот луксуз и уникатно животно искуство.
Меѓу носителите на највисокото признание на трите клуча се некои од најпознатите имиња во италијанската хотелска индустрија. Венеција се издвојува со историски скапоцени камења како што се „Аман Венис“ и „Белмонд хотел Кипријани“, додека на југ вниманието го привлече иконскиот „Ил Сан Пјетро ди Поситано“ на стрмните карпи на брегот на Амалфи.
Влегувањето во водичот „Мишелин“ и освојувањето водечка позиција во Европа е огромно признание за италијанскиот туристички сектор. Тоа покажува дека земјата не е привлечна само поради своето античко наследство, ренесансна уметност и врвна храна туку и поради поставувањето глобални стандарди во дизајнот, угостителството и во персонализираната грижа за гостите.
Со објавувањето на новиот глобален избор на престижниот водич „Мишелин“, хрватската хотелска сцена забележа нов голем чекор напред. Специјално признание пристигна на југот на земјата: иконскиот хотел во Дубровник, „Вила Дубровник“, направи скок и освои два клуча на „Мишелин“, приклучувајќи се кон избраната група објекти што им обезбедуваат на гостите исклучителен престој на глобално ниво. Ова признание доаѓа само една година откако хотелот, по темелно реновирање и редизајнирање, го доби својот прв клуч.