Фото: Eлеуса Фондација

Викендов, пред зградата на Општина Струмица се одржа поетско-музичкиот настан „Граде мој“, во кој струмичкото корзо се славеше низ стих, песна, драмски реплики и спомени. Настанот, организиран од Фондација „Елеуса“ со поддршка на Општина Струмица, беше дел од одбележувањето на Денот на ослободувањето на градот – за неговите улици, луѓе, спомени, јазик и духот што ја прават Струмица препознатлива.

Посебно силен впечаток оставија гимназијалците од СОУ „Јане Сандански“, кои под менторство на професорката Билјана Костадинова со многу енергија и непосредност ги изведоа репликите од култните дела на академик Митко Маџунков. Младите актери му вдахнаа нов уметнички дух на неговиот книжевен свет, а особена убавина беше тоа што дел од репликите беа изговорени на автентичниот струмички говор, преку кој Маџунков создаде вредни дела што го зачувуваат духот, менталитетот и специфичниот хумор на градот.

Во нивната изведба се почувствува дека локалниот говор е повеќе од средство за комуникација – тој е витален дел од културната меморија на Струмица. Преку гласовите на младите таленти, зборовите на Маџунков повторно заживеаја пред струмичката публика.

Своето место во вечерта го имаа и стиховите посветени на градот. Членовите на друштвото за наука, литература, култура и уметност „Иван Василевски“ рецитираа песни од струмички поети, но и од автори кои низ поетскиот јазик ги овековечиле градовите, нивните улици, плоштади, луѓе и секојдневни слики. Струмица беше претставена како дом, како место на спомени и носталгија по младоста и минатите времиња.

Староградската музика во изведба на ВИС „Стихири“ дополнително ја создаде атмосферата на едно време кога корзото било омилено место за средби, разговори, прошетки и песна. Музиката ги врати спомените за една Струмица која можеби повеќе ја нема во истиот облик и ритам, но се оживува во сеќавањата на нејзините жители.

Во настанот се вклучија и младите уметници кои под менторство на ликовните уметници Љупка Галазка Василев и Георги Кончалиев цртаа по мотиви од градот.

Настанот, кој траеше повеќе од еден час, им овозможи на старите Струмичани да се навратат на својата младост, а на младите да се запознаат со едно за нив непознато време, доближено преку уметноста, книжевноста и музиката. Корзото, барем за кратко, блесна во својот некогашен сјај – како место на средба, забава, разговор и украдени воздишки. Ф.Д.

Фото: Eлеуса Фондација
Фото: Eлеуса Фондација
Фото: Eлеуса Фондација
Фото: Eлеуса Фондација