Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вонредните и ополномоштени амбасадори во Бугарија Крум Ефремов, во Кралството Норвешка Дритон Кучи, во Кралството Шведска Мухарем Јусуфи и во Романија Габриел Атанасов денеска пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика и надворешна трговија ги претставија платформите за нивната дипломатската активност.

Дипломатот од кариера Крум Ефремов во своите тези за дипломатските активности во Дипломатско-конзуларното претставништво во Република Бугарија, со кое треба да раководи  во наредиот период кажа дека ќе се залага за обезбедување стручна, квалитетна, навремена конзуларна помош и услуга на сите македонски државјани кои по различни основи патуваат или престојуваат во Бугарија.

Тој посочи дека Република Бугарија е генерално ориентерана спрема Европската Унија, НАТО и Соединетите Американски Држави. Членка на НАТО е од 2004 година, на Европската Унија од 2007 година, а од 1 јануари 2026 е постојана членка на Еврозоната.

Во однос на односите со нашата земја потенцира дека Бугарија прва ја призна независноста на Македонија на 15 јануари 1992 година, и дипломатските односи се воспоставени на 21 декември 1993 година, но оти односите на двете земји не се на соодветно ниво за држави сојузници во НАТО од кои едната е членка на ЕУ, а другата е кандидат за членство.

– Неопходна е промена на пристапот преку деескалација во односите и правење на позитивна клима. Нерешеното прашање во врска со спречувањето на преговорите за пристапување на нашата земја во ЕУ од страна на Република Бугарија претставува најголем предизвик – рече Ефремов.

 

Тој посочи дека во наредниот период државата ќе остане посветена на изнаоѓање решение преку дијалог, со добра волја, сигурност и гаранции, а не повторување на стагнацијата. Потенцира дека Бугарија во секоја прилика и натаму ја потврдува својата посветеност на европскиот консензус од јули 2022 година, кој претставува услов за напредок на нашата земја во преговорите за членство во ЕУ и го повторува барањето за уставните измени и спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

– Во делот на Договорот за пријателство, сакам да напомнам дека е потпишан на 1 август 2017 година, а стапи во сила на 14 февруари 2018 година. Согласно договорот, формирани се две комисии, и тоа Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и Заедничка меѓувладина комисија. Досега одржани се повеќе од 40 состаноци на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија, со тоа што веќе се усвоени четири препораки за заедничко чествување и околу 10 препораки во делот на одредени измени во образовните програми на двете држави – истакна Ефремов.

Економската соработка помеѓу двете земји, според Ефремов, е темелена на три договори коишто имаат битно значење во делот на економската соработка: Спогодбата за стабилизација и асоцијација, Протоколот за пристапување во Светската трговска организација и Договорот за економска соработка.

Се осврна и на билатералниот договор во делот на туризмот, договорите за взаемна заштита на инвестициите и за избегнување на двојното оданочување, енергетиката, патната и транспортната инфраструктура, имплементацијата на договорот за изградбата на железничката пруга во рамките на Коридорот 8, оворањето нови гранични премини…

Негов приоритет во работата како амбасадор нагласи дека ќе биде зајакнување на соработката во сите полиња почнувајќи од политичката, економската, научната, културната, институционалната и сите други видови на соработка.

– Развивањето на политичките билатерални односи исто така ќе биде значаен фокус и сегмент во нашата соработка, притоа организирањето на средби на сите нивоа и на високо ниво, и на експертско ниво, се многу битни во делот на реализација и согледување на дополнителни можности за поголема соработка – додаде Ефремов.

Меѓудругото кажа дека посебен фокус ќе даде на зголемувањето на туристичката соработка, како и на соработка во енергетиката и гасификацијата.

Презентирајќи ја платформата за втор мандат за дипломатските активности на вонреден и ополномоштен амбасадор во Кралството Норвешка, Дритон Кучи, кажа дека негова цел ќе биде да го зачува постигнатото, но и да внесе нова динамика во политичките, економските, безбедносните, културните и конзуларните односи.

Кралството Норвешка, посочи, иако не е членка на Европската Унија,  активно ги промовира европските политики и вредности, а како членка на НАТО, придонесува кон безбедноста и стабилноста на Западен Балкан.

– Проширувањето на Европската Унија го смета за важна надворешно-политичка алатка и силно го поддржува пристапниот процес на земјите од регионот, вклучително и европските аспирации на Република Северна Македонија. Кралството Норвешка финансира повеќе проекти за јакнење на демократските институции, владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Во рамките на НАТО ја поддржува цврсто политиката на отворени врати за демократските држави што чекаат членство – истакна Кучи.

Со земјите од регионот, вклучувајќи ја и нашата, подвлече дека гради односи во сојузништво, ја поддржува и соработката со земјите од САД и Јадранската повелба А5. Односите со Осло ги одликува пријателството, партнерството, но и заедничката определба за постојано унапредување на соработката. На највисоко државно ниво постои динамика на средби меѓу премиерите, министрите за надворешни работи…, но ветува дека во блиска иднина може да се зголеми и парламентарната соработка преку групите за соработка во двата парламента.

 

Нафтата, хидроенергијата, рибарството, шумарството, минералите и зелените технологии, смета дека се области во кои постои значителен простор за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

Приоритет во неговите програмски активности рече дека ќе бидат продолжувањето на поставување базна станица каде на македонските државјани ќе може да им се издаваат патни исправи. Најави дека ќе продолжи организирањето конзуларни денови во оддалечените градови каде што живеат и работат нашите иселеници, одржување позитивна атмосфера и развој на сите облици на соработка. Иницирање нови и завршување на веќе започнатите проекти, како и редовни средби и консултации за интензивирање на политичкиот дијалог, особено за прашањата поврзани со ЕУ и НАТО.

Во претставувањето на приоритетите за дипломатскиот ангажман во Кралството Шведска Мухарем Јусуфи истакна дека тоа Кралство претставува едно од ретките современи општества во кое стабилноста, достоинството и напредокот се развиваат тивко, но длабоко, како природен тек на една зрела политичка и општествена култура.

– Во европската и светската перцепција, таа е симбол на доверба во институциите, во демократската зрелост и на внимателно изградена рамнотежа помеѓу економскиот развој и социјалната солидарност, помеѓу индивидуалната слобода и чувството на заедница. Она што особено ја издвојува Шведска е културата на консензус. Наместо политичка конфронтација, јавниот живот се гради врз дијалог, компромис и заедничко барање на решенија – рече Јусуфи.

Шведска, нагласи, е една од најразвиените и најиновативните европски економии со силни позиции во индустријата, телекомуникациите, ИТ, фармацијата, инженерството и зелените технологии.

Според Јусуфи, Шведска дава силна поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и на Македонија.

– Шведска ја поддржува европската перспектива на земјата. Нејзиниот пристап е поврзан со принципите на владеењето на правото, демократските институции, човековите права, борбата против корупцијата и спроведувањето реформи. Дава поддршка на настојувањата билатералните прашања да не го попречуваат процесот на проширување и европската агенда на земјите кандидати – рече Јусуфи.

 

Дипломатските односи меѓу Македонија и Шведска, посочи дека се воспоставени во декември 1993 година, кога е отворен и конзулат во земјата, а во 2005 прерасна во амбасада.

Приоритетите во неговото работење посочи дека ќе бидат насочени кон сеопфатно унапредување на односите меѓу двете земји преку продлабочен политички дијалог, зајакната шведска поддршка за европската интеграција на земјата и понатамошно развојно и парламентарно соработување.

– Особен акцент ќе биде ставен на економската дипломатија преку зголемување на трговската размена, привлекување на шведски инвестиции и создавање нови деловни партнерства во стратешки сектори како ИТ, енергетика, земјоделство, туризам и зелени технологии. Воедно се предвидува и активна промоција на нашите компании, вина и туристички потенцијали. Паралелно, приоритет претставува и развивањето на соработката во областа на иновациите, стартап екосистемот и обновливите извори на енергија, како и зајакнување на улогата на дијаспората како важен мост за инвестиции, знаење и економско поврзување – истакна Јусуфи.

Габриел Атанасов, кој бил амбасадор во Романија во 2018 година, изрази надеж дека сега ќе заврши многу од незавршените работи кои ги започнал во тој мандат.

 

– Една од најважните е креирање на позитивна перцепција во двете држави — и за Романија во Македонија, и за Македонија во Романија, затоа што постојат сè уште предрасуди. Романија ги има поминато сите политички системи, имала и монархија, и република, и комунизам, и тоа тежок во времето на Чаушеску. Така што ние тие предрасуди полека-полека треба да ги отстраниме. Но најважно е да имаме посети, контакти, за да можеме да видиме до каде е стигната Романија денес и до каде ние исто така градиме едно демократско општество – рече Атанасов.

Економската соработка, според него, е многу важна, посочувајќи дека Македонија има две сериозни компании во Романија, и изрази надеж за повеќе романски инвестиции во Македонија, пренесува МИА.