- Повеќе од 80 филма, осум работилници, над 400 учесници и гости од повеќе европски земји ќе бидат дел од годинашното фестивалско издание
Што им изгледа невозможно на младите луѓе денес? Дали невозможното навистина е граница или само нешто што сè уште не сме научиле да го замислуваме, да го разбереме или да го направиме? Токму овие прашања се во фокусот на годинашното издание на младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“, чија тема е „Невозможните нешта“ и кој ќе се одржи од 24 до 29 септември.
Следејќи го светот на генерацијата зед, но и на најмладата генерација алфа, кој се менува со огромна брзина, „Џифони Македонија“ годинава отвора простор за приказни што се послоевити, похрабри и поблиски до сложената реалност на младите. Промените не се однесуваат само на возрасните граници – тие се одразуваат и во начинот на кој младите ги доживуваат филмовите, кратките видеоформати, медиумите и светот околу себе. Целта на фестивалот е да понуди филмови што на денешните тинејџери ќе им се обратат со искреност и длабочина, почитувајќи ги нивната зрелост и нивната потреба за приказни во кои можат да ја препознаат сопствената сложена реалност.
Зборот „невозможно“ звучи како пречка. Но во него постои и една противречност – тој негира, но истовремено упатува на нешто што сè уште не сме научиле да го правиме, да го замислуваме или во што не сме научиле да веруваме. Затоа, „Невозможните нешта“ не се фокусираат само на големи апстрактни идеи. Темата ги опфаќа и малите и големите невозможности со кои секојдневно се соочуваме.
За фестивалот досега се пријавени повеќе од 400 учесници, а се очекува и учество на околу 30 млади гости од Италија, Данска, Романија, Србија и од Косово.
„Невозможните нешта“ не бараат од младите да го надминат невозможното. Напротив, ги покануваат да го препознаат – да се соочат со она што не може да се контролира, да се реши или целосно да се разбере и токму во таа средба да пронајдат нов вид свесност. Годинашната програма носи над 80 долгометражни и кратки филма, распоредени во повеќе натпреварувачки програми. Фестивалската публика и учесниците ќе имаат можност да ги следат натпреварувачките селекции за: најдобар долгометражен филм, најдобар краток филм, најдобар анимиран филм, најдобар филм направен од ученици од основните и од средните училишта.
На фестивалот ќе бидат претставени и најновите кратки филмови на македонските автори Крсте Господиновски, Ханис Багашов, Трифун Ситниковски, Оливера Каменаровска, Лора Милошевска, Кирил Цеков и Фросина Захда. Натпреварувачката програма ќе биде отворена со македонскиот игран филм „Скејбордингот не е за девојчиња“, во режија на Дина Дума.
Од регионот годинава пристигнува и црногорскиот игран филм „Видра“, во режија на Срџан Вулетиќ, додека во јуниорската селекција ќе биде прикажан хрватскиот филм „Вториот дневник на Паулина П.“, во режија на Невен Хитрец.
Другите долгометражни филмови доаѓаат од различни европски земји, додека краткометражната програма носи филмови од целиот свет. Фестивалот и годинава ќе овозможи директна средба меѓу младата публика и филмските автори. Досега се потврдени гостувања на четворица режисери на долгометражните филмови, кои по проекциите ќе разговараат со учесниците и ќе одговараат на нивните прашања.
Токму овие средби се еден од клучните сегменти на „Џифони Македонија“ – филмот не завршува со одјавната шпица туку продолжува низ дискусија, со прашањата и размената на искуства, со што се поттикнува критичката мисла кај младите. Покрај филмската програма, фестивалот годинава нуди и осум работилници, преку кои младите ќе имаат можност активно да создаваат, да учат и да соработуваат.
С.Ј.































