ЛЕТНИ УСПЕСИ НА МЛАДИТЕ ШАХИСТИ НА АЛКАЛОИД

Стаменковски прв на кадетскиот турнир во Ниш

Деветгодишниот Калин Стаменковски, член на шаховскиот клуб Алкалоид, го освои првото место на кадетскиот турнир во забрзан шах, кој се одржа во Ниш (Србија), освојувајќи извонредни 6,5 поени од седум партии во конкуренција на шахисти до 12 години.
Одличен настап забележа и 13-годишниот Лука Симоноски на меѓународниот шаховски турнир во Србија, „Панчево опен 2026“. Со вкупно 5,5 поени од девет кола, тој го освои осмото место во конкуренција на 37 учесници, а патем освои и нови 42,8 рејтинг-поени.
На турнирите во Ниш настапија и Никола Радоњанин, Марко Стојановиќ, Марко Младеновиќ Кметовиќ и Давид Атанасовски, а Михаил Јорданов, Матео Ефтовски и Драги Јакимов ги одмерија шаховските сили на меѓународни турнири што се одржаа во Чешка и во Србија.
Летото за младите надежни шахисти од школата на ШК Алкалоид и од ШК Мулти есенс е исполнето со нови шаховски натпреварувачки искуства, вредни партии и значајни резултати, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.


РАКОМЕТ – 54. МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „СТРУГА 2026“

Охрид и Вардар убедливи во првото коло

Бранителот на трофејот на струшкиот турнир, кој го носи името „Вангел Баљукоски-Баљук“, екипата на Охрид, забележа победа во почетокот на 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир во Струга, откако на отвореното игралиште „Горан Попоски-Бабец“ во групата Б го победи домаќинот Струга со 37-24 (16-13). Во таа група Бутел Скопје беше слободен. Вардар, пак, го совладаа Прилеп со 39-29 (18-13) во првото коло во групата А, откако доминираше во текот на целиот натпревар. Слободна беше екипата на Дубочица од Лесковац (Србија). Првопласираните екипи во двете групи ќе играат во утрешното финале (од 20.30 ч), а истиот ден се и дуелите за петтото (од 10 ч.) и за третото место (од 18.30 ч.).
Охрид го доби езерското дерби против Струга и ја оправдаа фаворитската улога, особено во вторите 30 минути. Никола Зечевиќ со шест гола и Мартин Ивановски и Дарко Ѓукиќ со по четири беа најефикасни кај победникот, а кај стружани Никола Јукиќ постигна седум погодока. На охриѓани за сигурно финале ќе им биде потребна победа на дуелот со Дубочица.
Црвено-црните имаа контрола во текот на целиот меч, а на одмор се замина со резултат 18-13. Најефикасни на мечот беа прилепчаните Виктор Јанковски и Андреј Стојановски со по седум гола, а кај Вардар по шест погодоци реализираа новите засилувања Матео Фадуил и Леон Љевар.
Вчера на турнирот играа Прилеп – Бутел Скопје и Охрид – Дубочица, а денеска се дуелите Струга – Дубочица (од 18.30 часот) и Бутел Скопје – Вардар (од 20.30 часот).
Струшкиот турнир се игра од 1973 година и е најстар ракометен турнир во Македонија, а рекордери според бројот на освоени трофеи (по 14) се Вардар и Еурофарм Пелистер. Г.И.


ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ВОДНИ СПОРТОВИ

Ѓуретановиќ постави личен рекорд на 200 метри слободно

Во квалификациите, тој оствари време за 47 стотинки подобро од неговиот досегашен најдобар резултат. Ѓуретановиќ ќе има уште еден настап на ЕП 2026, во трката на 400 метри слободно, в недела

Единствениот македонски претставник на Европското првенство (ЕП) во водни спортови, кое се одржува во Париз, пливачот Никола Ѓуретановиќ, постави личен рекорд во квалификациите на 200 метри слободно, со време од 1:52,39 минута, што е за 47 стотинки подобро од неговиот досегашен најдобар резултат. Ова време, постигнато во втората квалификациска група, беше доволно за да го освои шестото место од 10 натпреварувачи, а во вкупниот пласман е на 70-та позиција меѓу 83 пливачи. Во неговата група триумфира словенечкиот пливач Примож Сеница Павлетиќ (1:51,05).
Ѓуретановиќ ќе има уште еден настап на ЕП 2026, во трката на 400 метри слободно, закажана за в недела во 9.30 часот. Во мошне силна конкуренција во базенот во Париз, Ѓуретановиќ има цел на двете трки да ги постигне своите најдобри времиња. Првата цел ја исполни.
Од другите резултати за одбележување е настапот на Италијанката Сара Кертис (19), која постави светски рекорд во полуфиналето на 50 метри грбно (26,63 секунди). Претходниот рекорд (26,86), поставен на Светското првенство во 2023 година, во Будимпешта, беше во сопственост на Австралијката Кејли Мекеон. Германскиот пливач Јоханес Либеман го освои златото на 800 метри слободно со време на нов европски рекорд, 7:37,59 минути. Неговиот сонародник Свен Шварц го освои среброто (7:41,16), а бронзата му припадна на Унгарецот Залан Шаркањи (7:41,75). Г.И.