Фото: Пиксабеј/Илустрација

Москва минатата ноќ ја забележа една од најниските температури од почетокот на летото, откако живата во термометрите се спушти до 9,7 степени Целзиусови.

Михаил Леус, водечки специјалист во метеоролошкиот центар „Фобос“, на својот канал на „Телеграм“ објави дека студените воздушни маси продолжиле да навлегуваат во централниот дел на европска Русија.

 – Со делумно облачно небо и студени воздушни маси, ноќта во руската престолнина беше една од најстудените од почетокот на летото – напиша Леус.

Според податоците од градската метеоролошка станица, температурата од 9,7 степени била најниската измерена во Москва во текот на јули и август. Леус прогнозира дека ниту следната ноќ нема да донесе значително затоплување.

Иако летото во Москва беше обележано со неколку топлотни бранови, температурите во последните денови значително се намалија. Кон крајот на првата декада од август, дневните температури достигнуваа 32 до 33 степени, поради што властите издадоа портокалов метеоаларм.

Во меѓувреме, минатиот месец беше прогласен за најтопол јули во Русија од почетокот на редовните метеоролошки мерења во 1891 година.