Европската Унија декларативно дава поддршка за приемот на Украина, наводно туркајќи ја агендата за нејзино ставање на брза лента за влез во Унијата. Брисел дури и глуми фаворизирање на Киев во евроинтеграциите, дури и на штета на другите земји кандидати. Но наспроти оптимистичките ветувања од Брисел за Украина, фактичката состојба е поинаква. Состојбата сѐ помалку укажува на лесен и брз прием на Украина во ЕУ, а за тоа има крупни аргументи, кои ќе ги развиеме подолу во анализата.
Второ, но не помалку важно е што Киев истовремено е сè подалеку од формално членство во НАТО, што и тамошниот државен и воен врв во повеќе наврати го признаа, додека земјата е во војна и не ѝ се гарантирани границите.
Европа божем сака да ја прифати Украина, но „не знае како да ја внесе во сопствениот систем“ (?!), а најновите изјави поврзани со приемот во НАТО ги засилуваат аргументите дека Украина во скоро време нема да стане членка на воениот сојуз.
Така што во текстовите што следуваат ќе бидат образложени факти што одат во насока дека многу е поверојатно Украина долго време да остане меѓу членството и партнерството – доволно блиску до Западот за да биде дел од неговиот економски и безбедносен систем, но доволно далеку од формалното членство за ЕУ и НАТО, да тие не мора да ги преземат сите политички, финансиски и безбедносни последици од нејзиното целосно интегрирање.
А токму тоа е најголемиот парадокс на украинската европска перспектива: Киев можеби ќе биде сè поблиску до ЕУ и НАТО, а сепак можеби никогаш целосно нема да стане дел од нив. Р.Н.М.
И Киев се помири дека Украина нема да стане членка на НАТО
- Војната, корупцијата и несогласувањата меѓу сојузниците го прават членството на Украина во НАТО сè подалечно, што и воениот и државен врв на Украина го признава, и покрај воените напори за приближување кон Алијансата
Украина никогаш нема да стане членка на НАТО и покрај годините на залагање за пристапување, изјави амбасадорот на Украина во Велика Британија и поранешен врховен командант на украинските воени сили, Валериј Залужни, на 3 август. Зборувајќи на состанок на украинските амбасадори во Киев, Залужни тврдеше дека воените стандарди на НАТО заостануваат зад реалноста на модерното војување и предложи Украина наместо тоа, да се стреми кон идните европски безбедносни сојузи.
– Јас лично работев на тоа да се осигурам дека ги усвоивме стандардите на НАТО и секоја година слушав приказни за тоа како сме на прагот да му се приклучиме кон НАТО. За жал, никогаш нема да се приклучиме – рече Залужни.
Тоа е најновиот и можеби најзначаен сигнал од Киев дека Украина „никогаш“ нема да влезе во НАТО. Оваа изјава е значајна бидејќи Залужни е еден од најпознатите украински воени лидери, кој директно учествуваше во процесот на приближување на украинските вооружени сили кон Алијансата. А тој не е единствениот што ја доведува во прашање перспективата на Украина за членство.
Во март минатата година, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, тврдеше дека украинскиот претседател Володимир Зеленски и шефот на неговиот кабинет, Андриј Јермак, во голема мера прифатиле дека Украина нема да стане членка на НАТО. Виткоф дури го поврза тоа со можниот мировен договор со Русија, оценувајќи дека Украина не може да биде членка на Алијансата доколку треба да се постигне договор за прекин на војната.
Од друга страна, американскиот институт КАТО истиот месец објави анализа со директен наслов „Украина никогаш нема да му се приклучи на НАТО“, во која се тврди дека Вашингтон треба да стави јасна граница на украинските очекувања за членство и безбедносни гаранции.
Оттука произлегува очигледна слика дека Украина може да биде највооружениот и еден од најважните безбедносни партнери на Европа, а сепак да остане надвор од НАТО.

Длабоки и непремостливи пречки за НАТО- определбите на Киев
Настрана од војната, новите членки на НАТО мора да исполнат низа високи политички и економски стандарди за членство, вклучувајќи демократско управување, воена интеграција со НАТО и ниско ниво на јавна корупција. Второто прашање може да остане сериозен камен на сопнување за Украина, која долго време се смета за една од најкорумпираните земји во Европа.
Всушност, дури и додека Украина војува против Русија, високи украински функционери постојано се под истрага или поднесуваат оставки поради обвинувања за корупција. Ова веројатно ќе биде долгорочен проблем за обидот на Украина за европска интеграција, кој ќе ја надмине војната.
Москва претходно јасно стави до знаење дека ќе се спротивстави на членството на Украина во НАТО. Русија нема овластување врз одлуките на НАТО, но Кремљ сепак може да има збор во зависност од тоа каков ќе биде исходот од војната.
Членството во НАТО е сосема различно од партнерството
Западот може да ѝ испраќа оружје на Украина, да ја обучува украинската армија, да споделува разузнавачки информации, да учествува во модернизацијата на украинската одбранбена индустрија и да ја поврзува украинската армија со европските армии, што го прави од избивањето на војната против Русија во 2022 година.
Но членството во НАТО првенствено упатува на колективна безбедносна обврска. Тоа значи дека Украина не би била само партнер во европската безбедносна архитектура, туку членка кон која би се активирал политичкиот и воен механизам на колективната одбрана. Токму затоа украинското членство останува многу потежок чекор од воената интеграција.
Дополнителна пречка е тоа што за проширување на НАТО е потребна согласност од постојните членки. А таму интересите не се совпаѓаат.
Повеќемина воени аналитичари ја изнесуваат идејата Украина да биде практично интегрирана во западниот безбедносен систем без формално да стане членка на НАТО. Тоа би значело склучување долгорочни договори за оружје, обука, разузнавачка соработка, заедничко производство на вооружување и усогласување на воените системи. Во таков модел Украина би била во безбедносната сфера на Алијансата, но не и нејзина формална членка.
И токму изјавата на Залужни е важна затоа што доаѓа од човек што ја познава Алијансата однатре и кој самиот вели дека децениските напори за исполнување на НАТО-стандардите не довеле до членство. Р.С.
ЕУ се штити со држење на Украина надвор од европскиот блок
- Европската Унија има геополитички интерес Украина да биде стабилна, демократска и економски поврзана со Европа. Но секоја членка истовремено има свои интереси, свои пазари, свои пари и свои гласачи за кои води сметка. Киев по многу основи ги загрозува интересите на членките на ЕУ и тие никогаш нема да се сложат Украина да биде членка на Унијата
Додека перспективата за НАТО станува сè подалечна, Украина формално сега сака да чекори забрзано по евроинтегративниот пат. И Европската комисија (ЕК) потврдува дека Украина е кандидат за членство од 2022 година, дека пристапните преговори почнале и дека во јуни годинава бил отворен првиот преговарачки кластер. Но формалните преговори не значат автоматско членство, далеку од тоа. Состојбата во повеќе европски престолнини на членки на ЕУ сѐ помалку укажува на лесен и брз прием на Украина во ЕУ, а за тоа има крупни аргументи. Во продолжение ќе образложиме еден од нив, а тоа е земјоделството. И тоа украинското земјоделство.
Производство на жито и други земјоделски производи во Украина е „атомска бомба за уништување“ на земјоделството на ЕУ
Украина е земјоделска велесила. Нејзиното огромно производство на жито и други земјоделски производи е еден од столбовите на украинскиот извоз. За Украина, отворениот европски пазар е од витална важност, особено по избувнувањето на војната со Русија. Но значителен дел од европските земјоделци смета дека токму заедничкиот пазар на ЕУ треба да се заштити од Украина. И тука се создава директен конфликт на интереси.
Европската комисија самата длабоко признава дека „земјоделството е едно од најсложените, најчувствителните и најкритичните прашања на ЕУ“ и клучно во процесот на проширување.
Причината е очигледна. Големината на земјоделскиот сектор, неговата економска и социјална тежина и потребата кандидатот да биде способен да издржи конкуренција од земјоделски производи. Со други зборови, прашањето за прием на Украина во ЕУ не е само политичко туку и економско.
Претходниот прилив на украинско жито преку Полска, Унгарија, Словачка и други земји покажа колку лесно украинското прашање може да стане домашно политичко прашање во ЕУ.
Полска и други држави воведуваа ограничувања, додека нејзините земјоделци ги блокираа државните граници. Во суштина, европските земјоделци испратија порака дека солидарноста со Украина не смее да доведе до загрозување на нивната економска позиција. А додека Украина е надвор од ЕУ, Унијата може да создава посебни трговски режими, квоти и заштитни механизми.

Доколку Украина остане надвор од ЕУ, Брисел може да преговара за квоти, преодни периоди и заштитни клаузули. Но полноправното членство ја менува ситуацијата. Украинските земјоделци тогаш не би биле производители од трета земја со посебен трговски договор, туку дел од заедничкиот пазар. А тоа би отворило многу поголемо прашање: како да се вклопи украинскиот земјоделски сектор во системот на заедничката земјоделска политика без да се создадат огромни нарушувања на европскиот пазар? Европската комисија веќе работи на новата заедничка земјоделска политика за периодот по 2027 година, со силен фокус врз директната поддршка на земјоделците и заштитата на земјоделскиот приход. Во тој контекст, приемот на огромниот украински земјоделски сектор би бил политички и буџетски исклучително чувствителен.
Европската Унија има геополитички интерес Украина да биде стабилна, демократска и економски поврзана со Европа. Но секоја членка истовремено има свои земјоделци, свои пазари, свои буџетски интереси и свои гласачи за кои води сметка. Токму затоа земјоделството може да биде еден од факторите што ќе го забавуваат, усложнуваат и условуваат украинското членство во ЕУ. П.Р.
Украинското жито заглавено меѓу воената блокада и европскиот отпор
Вообичаено, обилниот извоз на жито од Украина е заглавен во земјата, притиснат од воените дејства во Црно Море, сушата на Дунав и недовербата меѓу најблиските сојузници на Киев што се членки на Европската Унија, пишува „Политико“. Киев бара и очекува помош од земјите од ЕУ бидејќи ракетните напади врз Црно Море го задушуваат извозот на жито, повеќето земји членки на Унијата не се согласуваат да помогнат поради незадоволство и отпор на нивните земјоделци, слично како и раководството на европскиот блок во Брисел.
Европската комисија се оглушува на барањето на Киев за
финансиска помош?
Киев минатата недела побара од Европската комисија 220 милиони евра за да им помогне на украинските земјоделци да го пребродат нарушувањето на трговијата, но портпаролот на европската влада не кажа дали Брисел ќе ги обезбеди парите. Со неотплатливиот грант е предвидено субвенционирање банкарски кредити, што би им овозможило на малите и средните фарми да го задржат своето жито додека не продолжи испораката, наместо да го продаваат со загуба.
Со ракетните напади во војната што ги држат товарните бродови подалеку од пристаништата, Киев повторно се бори за излез преку Европа. Но, неговите резервни рути водат по копно низ земјите од Европската Унија, вклучувајќи ги Полска, Унгарија и Словачка, каде што претходниот транзит на украинско жито ги соочи тамошните влади со жестока домашна реакција.
Последниот бран на украински земјоделски извоз низ Источна Европа предизвика масовни протести од земјоделците, особено во Полска, кои се пожалија дека евтините украински производи завршуваат на нивните домашни пазари наместо само да поминат низ регионот. Полска воведе забрана за украинско жито во 2023 година, заедно со слични мерки во Унгарија и во Словачка, спротивставувајќи се на трговските правила на ЕУ и влошувајќи ги односите со Украина.
Новите молби на Киев и инсистирањето дека житото ќе транзитира само низ нејзините соседи од ЕУ, ја наведоа официјална Варшава да ги увери своите земјоделци дека украинските производи нема да завршат во Полска.
– Правиме сè за да го одржиме ембаргото – изјави полскиот министер за земјоделство Стефан Крајевски за Радио ЗЕТ во понеделникот, осврнувајќи се на забраната на Полска за увоз на украинско жито.
Војната го запре извозот по поморски пат
Еден од најголемите светски производители на жито, Украина, обично испраќа повеќе од 90 отсто од својот земјоделски извоз по поморски пат. Прекинот на таа трговија по избувнувањето на војната против Русија во 2022 година придонесе за глобалните цени на храната да достигнат рекордно високо ниво. Русија и Украина летово ја интензивираа размената на оган врз меѓусебните пристаништа и превозот преку Црно Море.
– Ако продолжи ваквата состојба, повторно ќе има глобално зголемување на цените од најмалку 25-30 проценти, со сите последици што ги имавме во 2022 година за светската инфлација на храната – тврди украинскиот министер за земјоделство Тарас Висоцки.
Украина затоа извезе само 463.000 метрички тони жито во првите девет дена од месецов, што е околу една третина од вообичаеното темпо, според Висоцки. До ноември, кога ќе дојде новата жетва, земјата ризикува да остане без простор за складирање на житото што не е во можност да го извезе.
Голем проблем претставува враќањето на бродовите во пристаништата на Украина. Ниту еден брод за жито не влегол во пристаништата околу Одеса од крајот на јули, иако тие остануваат отворени. Тој месец руска ракета погоди носач на пченка што го напушташе пристаништето, при што бродот потона една недела подоцна. Оттогаш екипажите одбиваат да пловат, а превозните компании ја прекинаа услугата.
– Сопствениците на бродови и екипажите едноставно се плашат. Тие воопшто не се подготвени да ги испратат бродовите. Не е дека е невозможно да се стигне до таму. Тие едноставно не се подготвени – посочи Висоцки.
Алтернативните рути наидуваат на ограничувања и отпор во членките на ЕУ
Со застојот на црноморската рута, Украина преговара со Романија, Полска, Унгарија, Словачка и Молдавија за преместување повеќе жито по копнен пат. Но тие рути не можат едноставно да го заменат поморскиот извоз.
– Преместувањето на житото со железница и пат чини од 50 до 70 долари повеќе по тон – рече Висоцки.
Кога цените на житото скокнаа по почнувањето на војната во 2022 година, извозниците можеа да ја апсорбираат таа разлика, што сега не се во можност да го сторат, по денешните цени.
Главната алтернативна рута на Украина, преку Романија, исто така се соочува со ограничувања. Ниските нивоа на водата на Дунав го ограничуваат количеството товар што може да стигне до црноморското пристаниште Констанца. И преместувањето повеќе жито по копно оживува уште еден проблем за Киев – политичката реакција кај неговите соседи од ЕУ.
Полските земјоделци ги блокираа премините со Украина во 2023 и 2024 година, претворајќи ја земјоделската трговија во едно од политички најексплозивните прашања меѓу Киев и еден од неговите најсилни поддржувачи во време на војна.
Но Украина, како што тврди министерот Висоцки, не бара поголем пристап до пазарот на ЕУ. Квотите на ЕУ сега ја ограничуваат продажбата на украинска пченица во блокот на 1,3 милион тони годишно, што, според Висоцки, го прави повторувањето на претходниот прилив „правно невозможно“. Киев би барал поголема квота само ако самата ЕУ предложи таква.
– Треба да има консензус во рамките на ЕУ, со земјоделците од ЕУ – посочи Висоцки.
Варшава е непоколеблива дека нејзиното ембарго за жито ќе остане. Но, иако украинското жито не може да се продава во Полска, владата соработува со Киев за да помогне во неговото спроведување.
– Разговорите со Киев се однесуваат исклучиво на непречен транспорт на украинското жито во трети земји, а не на негов извоз или влез на полскиот пазар – рече портпаролот на полското министерство за надворешни работи, Мацеј Вевиор, додавајќи дека украинското жито останува клучно за многу земји во Азија и Африка.
Дефицит од доверба
За полските земјоделци, гаранциите дека житото ќе помине низ земјата непрекинато не се доволни, а земјоделските групи тврдат дека некои пратки наводно наменети за други земји всушност никогаш не ја напуштаат Полска.
Густав Једрејек, раководител на Земјоделската комора на Лублин и еден од водачите на граничните блокади, тврди дека пратките се евидентираат електронски како испорачани во странство, додека самото жито се продава во Полска.
– Документите патуваат во Литванија, Чешка или Словачка, а житото останува во Полска – рече тој.
На прашањето дали верува во уверувањата дека дополнително украинско жито едноставно ќе помине низ земјата, Једрејек беше недвосмислен дека „апсолутно не верува во нив“. Полската влада постојано ги негира ваквите обвинувања на земјоделците. Е.Р.


































