„Миниа филм и анимација“ е независна хрватска продукциска куќа специјализирана за производство на висококвалитетна анимирана содржина, филмови и телевизиска програма. Основана е од креативната продуцентка Миљана Драгичевиќ, која има долгогодишно искуство во областа на анимацијата и меѓународните копродукции. Таа се јавува како копродуцентка на македонскиот анимиран филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“:
– Со Македонија досега сум работела на повеќе проекти и секогаш од тие соработки произлегувале добри филмови и прекрасни пријателства. Драго ми е што сум дел од проектот „Лефти и Рајти“, кој, иако е дебитантски филм, има приказна што ветува, која веднаш ја препознавме – вели таа.
Драгичевиќ додава дека соработката со македонски автори и продуценти за неа не е новост.
– Хрватска има многу добро развиена сцена за анимиран филм. ХАВЦ редовно издвојува посебен буџет за овие филмови, а во Загреб се одржува и „Анимафест“, еден од најзначајните и најреномираните фестивали на анимиран филм во светот, со долгогодишна традиција и силна меѓународна програма – вели Драгичевиќ.
Според неа, Македонија има простор за значително поголем развој на анимираниот филм, а токму меѓународните соработки може да бидат еден од клучните начини за негово унапредување.
– За да се развие овој жанр уште повеќе, категоријата анимиран филм треба да биде застапена во сите релевантни конкурси како редовна категорија, но потребна е и поголема разновидност во однос на возрасните групи и поджанровите – подвлекува Драгичевиќ.
„Лефти и Рајти си најдоа дом“ е македонски анимиран филм во фаза на продукција, кој, покрај поддршката од Агенцијата за филм на Македонија, доби поддршка и од Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ). Филмот се очекува да ја има својата премиера во Скопје кон крајот на ноември.































