Жителите на северната хемисфера денеска ќе имаат можност да проследат редок астрономски спектакл – помрачување на Сонцето. Во зависност од локацијата, феноменот ќе биде видлив како целосно или делумно затемнување.
Помрачувањето се случува кога Месечината ќе се најде меѓу Земјата и Сонцето, при што целосно или делумно ја блокира сончевата светлина.
Целосното помрачување ќе биде видливо на Гренланд, Исланд, северот на Русија, делови од Атлантскиот Океан, Шпанија и мал дел од Португалија. Делумно помрачување ќе може да се проследи од голем дел од северната хемисфера, меѓу кои и делови од САД, поголемиот дел од Канада и Европа, како и земји од северозападна Африка, пишува „Гардијан“.
Според НАСА, од одредени места долж западниот дел од патеката на помрачувањето, Сонцето ќе зајде додека сè уште е делумно затемнето, создавајќи впечатлив призор при зајдисонце.
И Македонија ќе биде меѓу земјите од кои ќе може да се види дел од феноменот. Од Скопје, помрачувањето ќе започне околу 19.29 часот, максимумот ќе биде во 19.36 часот, а ќе заврши околу 19.39 часот. Бидејќи ќе се случува непосредно пред зајдисонце, Сонцето ќе биде ниско над западниот хоризонт.
Астрономите предупредуваат дека Сонцето не треба да се набљудува директно без соодветна заштита. Обичните очила за сонце не обезбедуваат доволна заштита, а не треба да се користат ниту двогледи или фотоапарати без соодветен соларен филтер.
Но, помрачувањето не е единствениот небесен феномен што ќе го одбележи денот.
Во ноќта меѓу 12 и 13 август ќе биде активен и метеорскиот дожд Персеиди. Под идеални услови, на небото може да се забележат и до 100 метеори на час, познати како „ѕвезди што паѓаат“.
Дополнително, денеска се очекува и порамнување на шест планети од Сончевиот систем, што ќе биде уште еден интересен призор за љубителите на астрономијата.
А небесните спектакли не завршуваат тука. Кон крајот на август се очекува и уште еден впечатлив феномен – помрачување на Месечината.
































