Растот на БДП во фокусот
- Капиталните инвестиции и забрзаното градежништво го поддржуваат економскиот раст, но за посилен и одржлив БДП ќе се инсистира на поголема активност на приватниот сектор и развој на повеќе економски дејности
Капиталните инвестиции се во фокусот на Владата и државните институции во изминативе месеци, па зачестуваат информациите од министрите околу градбата на одредени проекти. Најактивен на полето е министерот за транспорт, кој честопати објавува до каде е изградбата на автопатот кон Охрид или, пак, изградбата на автопатот Прилеп–Битола, но често објавува и за градењето на железничката пруга кон соседна Бугарија. Се истакнуваат и други проекти во кои се вклучени и кои се насочени кон подобрување на сообраќајната поврзаност, што е доказ дека градежната фела има полни раце работа. Премиерот Христијан Мицкоски неодамна посочи дека нашата земја е едно големо градилиште.
– Македонија е едно големо градилиште, се гради на повеќе од 1.200 локации, низ целата територија на државата. Нешто што досега е незабележано во поновата историја на независна Македонија. И ќе продолжиме и понатаму да ги довршуваме овие проекти – нагласи Мицкоски.
Секако, градењето и инвестирањето во нови патишта, кои се големи капитални проекти и кои повлекуваат големи финансии и ангажирање голема работна сила, се веќе добро познат рецепт за поголем раст на домашната економија.
Раст од три проценти е мотив да се продолжи нагоре
Последниве месеци сведоци сме дека има растот на бруто-домашниот производ, раст, кој е добар исчекор и секако подобар од претходните години.
Имено, во првите три месеци од годината, според Државниот завод за статистика, БДП пораснал за 3,1 отсто во однос на истиот период во 2025 година. Најголем раст бил забележан во секторите градежништво – 7,2 проценти и стручни, научни и технички дејности и административни услуги – 6,1 отсто.
Дека БДП подобро напредува последниве години говорат бројките на ДЗС. Имено, во четвртиот квартал од 2025 година БДП порасна за 3,8 отсто во однос на четвртото тримесечје од 2024 година. Третото тримесечје од 2025 година БДП се зголеми за 3,8 проценти во однос на третото тримесечје од 2024 година. Додека, пак, во второто тримесечје имаше раст од 3,4 проценти. Најслаб раст може да се каже дека домашната економија имала на почетокот од годината, односно во првите три месеци растот на БДП достигнал 3 отсто.
– Градежништвото е еден од најмоќните двигатели на економскиот раст. Дејствува како мултипликатор – секое евро инвестирано во овој сектор генерира дополнителна вредност во десетици други индустрии (металопреработувачка, транспорт, архитектура). Дополнително секторот вработува значителен дел од активната работна сила и директно влијае врз животниот стандард – велат економистите за „Нова Македонија“.
Тие укажуваат дека е веќе познат факт дека со повеќе градежни активности се отвораат нови работни места и се ангажираат различни профили на работници, од нискоквалификуван кадар до високообразовани инженери. Дополнително градбите ја поттикнуваат и потрошувачката, особено на материјали потребни во градежништвото како што се бетон, челик и дрво.
Мултипликативниот ефект од градежниот бум
Крајниот позитивен ефект е развојот на инфраструктурата. Со новите патишта, железници, болници, па и енергетски мрежи се зголемува конкурентноста на целата држава.
Економистите укажуваат дека покрај јавните инвестиции мора паралелно да се развива и поттикнува и приватниот сектор, приватните инвестиции.
– Јавните инвестиции се многу значајни, но не и доволни за развој, поради што, покрај јавните, неопходно е да продолжат и приватните инвестиции и вложувања во изградба на станбени и деловни објекти, фабрики, болници и др. Само заеднички, јавните и приватните вложувања можат да го одржат нивото и да го поттикнат растот, како и да предизвикаат позитивни ефекти врз домашната економија – велат економистите.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека најсилен показател за развојната политика на Владата е реализацијата на капиталните расходи, која во првата половина од годината достигна 19,4 милијарди денари, што претставува раст од 53,5 проценти во однос на истиот период минатата година.
– Тоа значи дека државата инвестира повеќе во патишта, железници, комунална инфраструктура, училишта, градинки, здравствени установи, водоводи, канализации, енергетски проекти и локален развој. За изградбата на коридорите 8 и 10-д до крајот на мај се реализирани 6,3 милијарди денари, а дополнително, за инфраструктурните проекти во општините се реализирани 2,1 милијарди денари – нагласува Димитриеска-Кочоска.
Економистите забележуваат дека ребалансот на буџетот за 2026-та ја ревидира проекцијата за раст на БДП за 2026 од 3,8 проценти на 3,5 отсто, а растот на трошоците за живот од 2,5 отсто на 4,5 проценти.
Вистинскиот тест за развојната компонента на ребалансот на буџетот ќе биде динамиката на реализацијата до крајот на годината
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ најпрво ценат дека стапката на инфлација е во линија со очекувањата врз основа на расположливите информации досега.
– Во секој случај, ревидирањето на стапката на растот надолу е во линија со очекувањата одредени од неизвесностите во глобалното економско опкружување, кои главно произлегуваат од варијабилноста во окончувањето на конфликтот на Блискиот Исток, но и од сѐ уште активниот конфликт на европско тло – нагласуваат од институтот во нивниот последен коментар за ребалансот на буџетот.
Наедно додаваат дека две ставки позначајно влијаат врз зголемувањето на вкупните расходи. Првата е ставката „други трансфери“, која расте за 9,1 проценти споредено со првичниот буџет во 2026 година.
– Тоа зголемување во најголем дел се должи на повисоки субвенции и трансфери за земјоделството, железничкиот сообраќај, спортот, породилните надоместоци, студентскиот и ученичкиот стандард и програмата „Мој ДДВ“. Со тоа, ребалансот добива изразена компонента на дискрециска фискална поддршка, покрај зголемените капитални инвестиции, што отвора – или, подобро речено, го повторува – прашањето за ефикасноста и таргетирањето на овие дополнителни средства – нагласуваат од институтот.
Што се однесува, пак, до капиталните инвестиции, кои растат со 14,5 отсто во однос на буџетот во 2026 година, речиси се изедначуваат со буџетскиот дефицит, што може да се гледа како „позајмување исклучиво за развојни потреби“.
– Токму од таа гледна точка, ребалансот навистина ја поддржува развојната компонента на буџетот повеќе од претходно, меѓутоа неопходно ќе биде да се процени мерата во која предвидениот износ ќе може да се реализира до крајот на годината. Притоа, треба да се има предвид дека релативно високата реализација на капиталните расходи во првите пет месеци може делумно да биде резултат на големата еднократна исплата за еден голем инфраструктурен проект. Оттука, вистинскиот тест за развојната компонента на ребалансот ќе биде динамиката на реализацијата до крајот на годината – нагласуваат од „Фајненс тинк“. Е.Р.

































