Во научнофантастичните сценарија често се тестира хипотезата како ќе изгледа човечкото општество ако во него нема место за лага. Идеалот дека човечкото општество е конституирано само на темелите на вистината отвора голем број дилеми. Особено, дали чесноста да се говори вистината има некаква смисла доколку не може да се одбере лагата?
Односно дали има смисла етички да се изедначи човек што ја говори вистината поради доблест, иако во секој момент може да ја избере лагата, со оној човек што ја говори вистината само затоа што може да биде „фатен во лага“?
Во општествата од иднината, различни видови машини, полиграфи, намероскопи и сл. имаат голема прецизност во детектирање на лагата. Тие ги мерат манифесните телесни човечки реакции во случај кога се искажува конструкт што не е заснован на лично сведоштво или искуство. Во такви ситуации, човекот нема можност да каже лага, бидејќи со голема сигурност „ќе биде фатен“ во лагата, а лагата во „совршените“ системи од научнофантастичните претстави повлекува не само морална туку и правна санкција. Во етички контекст се поставува прашањето дали секоја вистина треба да биде кажана.
Имануел Кант смета дека вистината претставува императив, односно етичка должност и дека не постои ниту едно оправдано сценарио во кое лагата би требало да се каже пред вистината, дури и ако е кажана од човекољубие и најдобри намери. Бенџамен Констан, пак, се спротивставува на ова теза на Кант и вели дека должноста да се кажува вистината важи само за оној што има право да ја избере вистината. Услов да може да ја избере вистината е да постои лагата како нејзин опозит, на кој човекот во секој момент има слобода да се наклони.
Основната дилема што се поставува тука, а ја илустрира Мишел Фуко во своето дело „Надзор и казна“ – е дали јавноста, државата, односно машината (технологијата) треба да имаат право на секоја наша вистина? Односно дали човекот смее да има интима, спомен само за себе и дали доколку ја премолчи вистината, прави чин на лажење? Во систем што целосна ги гарантира вистината и чесноста, систем што може да ја детектира лагата дури и на ниво на намера, човековите спомени се јавни и неговиот интимен свет е целосно транскриптивен во јазикот што е разбирлив за сите други.
Од друга страна, се поставува и прашањето дали судот на машината треба да биде толку веродостоен, да веруваме дека тоа што машината ќе го исчита е целосна и непоколеблива вистина? Односно дали машината ќе биде апсолутниот догматски суд за вистината, што ќе создаде тоталитарни услови во човечката заедница? На крајот, дали вистината е целосно објективна? Ниче вели дека – вистината и лагата во вонморален контекст, односно во епистемолошки контекст, не се чисти форми. Односно постои јазик што ја пренесува вистината, кој е полн со метафори и човечки конструкции. Во такви услови, вистината не може да не биде „контаминирана“ со човечкото искуство, на онтогенезиско или антопогенезиско ниво. Ако објективна и чиста вистина не постои, тогаш смее ли да постои машина што „непогрешливо“ ќе категоризира што е лага, а што е вистина?
Ако машината може непогрешливо да ја познава вистината, дури и пред човекот да дејствува, како што вели Филип Дик, дали намерата треба да ја изедначуваме со постапката? Односно дали намерата да се излаже и прикрие нешто ќе има иста правна последица како и делото „измама“?
Чесноста во етички контекст често се поврзува со лагата и со вистината. Но општеството без лаги, не е нужно општество составено од чесни луѓе. Чесноста се состои во тоа човекот да може да измами, но свесно да избира да не го направи тоа. За човекот да може да биде чесен, тој треба да биде слободен, во секој момент, да може да ја избере лагата.
Магдалена Стојмановиќ-Константинов

































